Амбасадорката на САД во ОН Ники Хејли ја обвини Русија дека го заштитува сирискиот претседател Башар ал Асад, кој според неа, е виновен за повеќе напади со гас хлорин, употребен врз цивили во изминативе недели.

На синоќешната средба во Советот за безбедност на ОН, Хејли истакна дека Русија го одложила усвојувањето документ на тој Совет, во кој се осудува употребата на хемиско оружје, вклучувајќи го и нападот за кој претходно беше соопштено дека се случил минатиот четврток во предградие на Дамаск, каде биле повредени повеќе од 20 цивили.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија возвратил дека е „целосно јасно оти целта е да се обвини сириската Влада за користење хемиско оружје, во ситуација кога ниту еден извршител не е идентификуван“.

Русија предложила СБ да усвои поинакво соопштение, во кое не се спомнува нападот од четвртокот.

Невладината организација Сириско-американско лекарско здружение, која пружа медицинска помош во сириската граѓанска војна, вчера соопшти дека најмалку 11 лица била затруени со боев отров во градот Идлиб, кое е едно од главните упоришта на бунтовниците во Сирија.

Според организацијата, гасот бил фрлен од хеликоптери на сириската армија со импровизирани бомби изработени од буриња полни со хлор во гасна состојба.

Организацијата објави снимки од лица кои претрпеле последици од вдишувањето на хлор.

Хуманитарната организаицја Бели Шлемови, пак, соопшти дека тројца нејзини активисти биле затруени при нападот.

Ова е трет случај во текот на месецов сириската армија да биде обвинета за хемиски напад врз бунтовничките позиции.