Американскиот потпретседател Мајк Пенс изјави дека САД, Јапонија и Јужна Кореја целосно се согласни во врска со изолација на Северна Кореја поради нејзината нуклеарна програма, иако двете Кореи се приближија дипломатски на Зимските олимписки игри.

– Нема несогласувања меѓу САД, Јапонија и Јужна Кореја за потребата од продолжување на изолацијата на Северна Кореја економски и дипломатски, додека не се откаже од својата нукјлеарна и балистичка ракетна програма, изјави Пенс по враќањето во САД од Јужна Кореја.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп зазеде цврст став во врска со нуклеарната и со ракетната програма на Пјонгјанг со нагласување дека нема место за преговори се додека Северна Кореја не се откаже од тие програми.

Висок американски претставник изјави дека Пенс и јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин разговарале за цврсти санкции врз Пјонгјанг.