Повеќе деца од кога и да е живеат во зони на конфликт, каде им се заканува смрт и насилство, се наведува во извештајот на хуманитарната организација „Спасете ги децата“.
Најопасни држави за младите се Сирија, Авганистан и Сомалија. Експертите посочуваат дека долготрајните конфликти и зголемувањето на бројот на училишта и болници кои се цел на напади ја зголемуваат опасноста за децата, велат експертите.
Голема опасност со која се соочуваат се и киднапирањата и сексуалното насилство. Според податоците на ОН над 73.000 деца биле убиени или осакатени во 25 конфликти од 2005 година, кога почнала да се води таква статистика.
Од 2010 година, бројот на убиени или осакатени деца, за кои ОН има потврда, е зголемен за речиси 300 отсто. На Блискиот Исток, две петтини од децата, или 40 проценти, живеат во конфликтни зони. Според овој индикатор, регионот е рангиран на прво место во светот, по што следи Африка, каде 20 отсто од децата живеат во такви услови.