Судијката Добрила Кацарска на денешното рочиште го опомена за непочитување на судот обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски во предметот на СЈО „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра,.
При воведниот говор на обвинителот Стевчо Донев од СЈО, Груевски, обраќајќи ѝ се на адвокатката Сања Алексиќ, рече дека ова било партиски суд.
Судијката побара ова да влезе во записникот за судењето и го предупреди Груевски дека за ваквите коментари следниот пат ќе бидат употребени одредбите од Законот за кривична постапка кои предвидуваат казна.
Кацарска, и покрај барањето на одбраната да не почне главната расправа, му даде збор на обвинителот на СЈО и судењето продолжи со воведните зборови.
Обвинителот Стефчо Донев истакна дека со докази ќе го докажат кривичното дело што го сториле обвинетите при набавката на мерцедесот.
- Во 2012 година Груевски, кој бил премиер го искористил своето влијание и службена положба и побарал од Јанкуловска која била министер за внатрешни работи да се купи ново блендирано возило мерцедес, а притоа да се фаворизира, односно набавката да се склучи со „Мак ауто стар“. Јанкуловска го поттикнала помошникот Ѓоко Поповски да стори кривично дело и ова ќе го докажеме преку снимените материјали, но и со другите докази. Ќе докажеме дека Поповски го исполнил ветувањето, односно за да нема конкуренција ставил повеќе технички спецификации во тендерската документација. Токму затоа на тендерот конкурирала само фаворизираната компанија - рече обвинителот.
Додаде дека ќе докажат дека Груевски сакал да го користи возилото, но јавноста да не знае за тоа.
Одбраната посочи дека немаат еднакви можности поради што бараат одложување на денешното рочиште во оваа фаза кога се произнесуваат по обвинението.
Одложувањето, како што рекоа, го бараат за да ја подготват одбраната и да дадат воведен говор на следното рочиште.
Јанкуловска посочи дека не се во состојба да се запознаат, како што рече, со клучните докази според СЈО. Со оглед на кршењето на нивните права, рече таа, во оваа фаза не е во состојба да се произнесе во форма на воведен говор.
И Ѓоко Поповски рече дека не е во можност да даде воведен говор. Судењето, како што рече е исто како фудбалски натпревар на кој едниот тим знае, а другиот тим не знае дали ќе се игра на терен со вода, со рефлектори или на вештачка подлога.
Судот смета дека одбраната имала доволно време за да ги видат записниците и да се подготват и затоа, како што беше речено, одложувањето во оваа фаза се одбива.