Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер денеска соопшти дека подготвува промени во вториот ешалон на институцијата.

Според најавата, досегашниот генерален секретар на Еврокомисијата, Холанѓанецот Александар Италианер ќе биде заменет од Германецот Мартин Зелмајер.

Досега 47-годишниот Зелмајер беше шеф во Кабинетот на Јункер и важи за контроверзна личност и „сива еминенција“ во Европскта комисија, кој планирал да остане на позицијата уште 10 години. Тој е адвокат и ја водеше кампањата на Јункер пред четири години.

Јункер посочи дека при назначувањето на Италианер во 2014 година тој го предупредил за неговата желба да замине на 1 март оваа година.

Тој додаде дека следниот раководител на Еврокомисијата ќе располага со „океан од можности“ да процени кој да биде генерален секретар по изборите за Евроспкиот парламент догодина.

Дотогаш шеф на Кабинетот на Јункер ќе биде Клара Мартинес Аверола од Шпанија, која е прва жена на таа позиција и досегашен заменик на Зелмајер.