Европската комисија денеска во Брисел промовираше Нацрт-повелба за напуштањето на Велика Британија на ЕУ.

Текст, кој го презентираше главниот преговорач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние, содржи 168 члена и претставува целосен преглед на позициите на Европската комисија околу ова прашање.

- Ако сакаме да успееме, треба да забрзаме. На 30 март 2019 година, за 13 месеци, Велика Британија нема повеќе да биде членка на ЕУ. Таа тоа го сакаше и до тој ден ние мораме да го организираме излегувањето. Треба да се преговара врз основа на текст во периодот од денеска до следната есен - изјави Барние на денешната прес-конференција во Брисел.

Главните точки во текстот се однесуваат на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска, правата на европските граѓани и транзицискиот период.

Во платформата се наведува дека треба да се најде решение за трговските и царинските прашања околу границата меѓу Република Ирска и британската покраина Северна Ирска, како и за статусот на европските граѓани што живеат во Велика Британија за време на целиот транзициски период.

Според Европската комисија, транзицискиот период, кој се уште не е прецизно дефиниран, би требало да трае од истапувањето на Велика Британија од ЕУ, па до 31 декември 2020 година.

За време на тој период Велика Британија треба да ги почитува сите четири европски слободи за движење на капитал, услуги, добра и луѓе, се наведува во Нацрт-платформата.

Објавувањето на овој текст пред стартот на новата фаза од преговорите за Брегзит, со кои се влегува во суштината на идните односи, во Брисел се оценува како европски политички сигнал дека нема повеќе време за губење.

Овој нацрт документ треба да биде одобрен од земјите членки на ЕУ и од Европскиот парламент.