Турската државна радио-телевизија ТРТ забрани 208 песни поради тоа што биле несоодветни, потврди денеска турската Влада.

– Согласно законот, ТРТ има овластување да презема мерки во врска со содржини, кои вклучуваат некои изрази, посебно кога се однесуваат на псовки, алкохол, цигари и слично, изјави денеска турскиот вицепремиер и владин портпарол Бекир Боздаг.

Тој истакна дека забраната на песните не претставува цензура, туку значи дека ТРТ си ја врши работата.

– И другите телевизии треба така да работат, посочи Боздаг.

ТРТ потврди дека меѓу забранетите се и 66 песни на курдски јазик.

Дел од насловите на забранетите песни се „Јас сум пијан“, „Чисто гол“, „Земја на солзи“ и „Тиранин“.