Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска му порача на американскиот претседател Доналд Трамп дека економските војни се „многу лоши“ и дека можат „лесно да се изгубат“, по заканата на Трамп дека ќе воведе увозни давачки за челик и алуминиум.
Изјавата на Туск е спротивна на изјавата на Трамп, кој рече дека „таквите војни се добри“ и дека можат „лесно да се добијат“.
- Вистината, всушност, е спротивна. Поради тоа, длабоко сум убеден дека е време одговорните политички лидери од двете страни на Атлантикот да дејствуваат на соодветен начин, рече Туск на прес-конференција во Луксембург.
Откако Европската комисија од Брисел ја претстави стратегијата против заканата од Трамп, Туск најави „вонредна дебата“ за тоа прашање на претстојниот состанок на самитот, кој ќе се одржи на 22 и 23 март во Брисел.