Парламентарните избори што ќе се одржат в недела во Куба не наликуваат на ниту едни избори во регионот. Нема рекламни спотови. Нема предизборни митинзи. Нема кандидати под партиски слогани затоа што сите или се членови на владејачката Кубанска комунистичка партија или се „независни“ кандидати кои се придржуваат кон партиската линија.
Единствениот надворешен знак за претстојните избори се фотографиите и биографиите на кандидатите објавени на јавни места. Самите кандидати тивко посетуваат квартови и фирми за да контактираат со луѓето.
И покрај тоа што кубанските избори минуваат без многу бука, избирачката активност – некои тоа го припишуваат на владиниот притисок – варира околу и над 95 отсто. Повеќе од осум милиони Кубанци треба да изберат 605 членови на Националното собрание и 1.265 делегати во 15 провинциски собранија.
Интересот за изборите е поголем од вообичаено затоа што новиот Парламент треба да се состане на 19 април и да избере наследник на 86-годишниот претседател Раул Кастро. Се очекува новиот претседател да биде првиот кој не е член на семејството Кастро по револуцијата во 1959 година, кога Фидел, постариот брат на Раул, ја презеде власта.