Податоци за јапонскиот премиер Шинзо Абе, неговата сопруга и министерот за финансии Таро Асо се отстранети од документи поврзани со потенцијален скандал за непотизам, изјавија неименувани извори кои имале увид во документот.

Прашањата поврзани со продажба на земјиште во државна сопственост со огромен попуст на еден училишен оператор поврзан со сопругата на Абе го следат премиерот од минатата година откако медиумите објавија информации за зделката.

Асо (77) денеска изјави дека повеќе функционери во одделот задолжен за продажба во неговото Министерство се вмешани во промена на документите со цел податоците да одговараат на исказот, кој тогашниот шеф на одделот го дал во Парламентот.

Опозициските партии го повикаа Асо да поднесе оставка. Тој денеска се извини за постапките на своето Министерство, но рече дека нема намера да поднесе оставка.

Абе (63), кој е пет години на функција, негираше дека тој или неговата сопруга му направиле услуга на училишниот оператор Моритомо Гакуен, и најави дека ќе поднесе оставка доколку бидат пронајдени докази дека тие го направиле тоа.