Сведокот на Специјалното јавно обвинителство, за набавката на мерцедесот случај познат во јавноста како Тенк, денеска пред судот кажа дека морало да се купи возило со висок степен на заштита.
Сведокот на СЈО, Киро Тодоровски пред судот кажа дека, возилата во кои се возеле функционерите во МВР пред да биде набавен „мерцедесот“ не ги исполнувале материјално-техничките услови на МВР за посета на странски делегации, за што полицијата немало возило со највисок степен на заштита.
Па така, во повеќе наврати, министерот за внатрешни работи го отстапувал своето возило кое е наменето за негова заштита. Тодоровски рече дека и други високи функционери се соочувале со дефекти додека се возеле со старите возила, а имало случаи кога возилата комплетно застанувале, па според него било неопходно да се заменат со возило висок степен на заштита.
Тој пред судот нагласи дека во „мерцедесот“ кој бил набавен се возеле генералнииот секретар на ОН Бан Ки Мун, како и висока делегација на Катар. Појасни дека „мерцедесот“ бил набавен за потребите на МВР.
Сведокот нагласи и дека секогаш претходно кога се набавувало блиндирано возило, државните институции тоа го правеле без тендер а овој случај бил прв кога ваков автомобил бил избран преку јавен повик без да се искористи законското право за директна спогодба и при тоа да набави каква марка на возило сака и од кого сака.
Денешното рочиште е невообичаено долго. Судијката Добрила Кацарска одлучи да се продолжи и по работното време на судот за да се испитале зацртаните сведоци, а дури и се двоумеше дали да одобри пауза за ручек.
Истата судијка е дел од советот и за „Поткуп“ против премиерот Зоран Заев, но за овој случај рочиштата постојано се одложуваат и презакажуваат со размак и од неколку месеци.