Судењето за „Поткуп“ е одложено за 26 март, бидејќи денеска во Кривичниот суд немаше услови за гледање на снимката.

Судот одлучи да го прифати предлогот на адвокатите на премиерот Зоран Заев јавноста да присуствува на гледањето на снимките како доказ, бидејќи според нив снимките кои беа објавени на „Јутјуб“ биле нецелосни.

Обвинителите од ОЈО се против ова барање. Обвинителката од ОЈО Валентина Бислимовска кажа дека станува збор за класифицирани материјали, што се декласифицирани само за судењето.

И Заев побара да биде вклучена јавноста за, како што рече, да си поврати дел од изгубената чест.

Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.

Сведокот Сачевалиев денеска требаше да даде исказ, но не е дојден на рочиштето. Тој не присуствуваше и на претходното рочиште на 6 март, бидејќи не бил уредно поканет.