Веќе три месеци јапонскиот танчар Кенто Тирашита, кој од 2016 година е ангажиран како надворешен соработник во Македонската опера и балет (МОБ), нема добиено хонорар за својата работа и очаен побара помош на социјалните мрежи.
– Драги пријатели, мене навистина ми треба вашата помош, ве молам за совет. Немам пари, и затоа не можам да си купам вода, храна, тоалетна хартија, сапун. Имам и фрактура како и истегнат лигамент на зглобот и морам итно да одам на терапија. Но не можам да одам бидејќи немам пари. На мојот договор стои дека хонорарот ќе го добивам секој 15-ти во месецот и затоа и дојдов тука да работам. Дали е ова нормално во Македонија? Јас сум навистина разочаран. Ми рекоа дека проблемот е во Министерството, но мислам дека тие не знаат колку ми е сериозна ситуацијата. Немам пари ниту да си ја платам киријата. Мислам дека ќе го изгубам паметот“ – пишува меѓудругото Тирашита на Фејсбук.
Од МОБ демантираат дека балетанот е вработен во оваа национална установа, туку е ангажиран по договор на дело, хонорарно.
– Ангажиран е од 2016 година па, до летото 2017 година. Повторно е ангажиран од ноември 2017 како странски балетски изведувач но, под договор од Министерство за култура од каде пак му се одобрени средства за исплата но, не се исплатени. Топло препорачувам сите информации од социјалните мрежи да ги земате со резерва затоа што најчесто содржат невистини! – изјави за „Република“ в.д директорот на МОБ Ќазим Асотиќ.