Поддршката за влез во Европската унија е во постојан пад изминатите десет години, но сепак таа и натаму останува висока, со оглед на тоа што 73 проценти од граѓаните на Македонија се за влез на земјата во Унијата.
Ова се резултатите од компаративната анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапувањето кон ЕУ (2014-2017), изработена од Социетас цивилис - Скопје и Конрад Анденауер Стифтунг.
Авторот на анализата, Иван Дамјановски денеска при нејзиното презентирање посочи дека поддршката е во постојан пад, односно од 80 отсто во 2014, кон крајот на 2017 се сведува на 73 отсто. Додава дека бројот на евроспектичните испитаници останува приближно ист, околу 17 отсто.
Со оглед на тоа што бројот на противниците за членство се нема променето меѓу последните две истражувања, падот се манифестира преку зголемување на бројот на испитаници, кои се неодлучни.
Резултатите од анкетата од 2017 покажуваат дека 73 отсто од граѓаните би гласале „за“ ако следната недела се одржи референдум за влез на Македонија во ЕУ. Седумнаесет отсто би гласале против, осум отсто одговориле „не знам“, а еден процент нема да гласаат.
Компаративната анализа е изработена врз основа на резултатите од три анкети, спроведени во 2014, 2016, а фокусот е на таа во ноември 2017 година, што беше спроведена на примерок од 1.100 испитаници.
Идентитетските импликации, кои произлегуваат од спорот со Грција околу употребата на името Македонија, се наметнуваат како главна причина за падот на поддршката за членство во Унијата во изминатите десет години. Дамјановски додаде дека овој постепен пад коинцидира со наметнувањето на решавањето на спорот околу името како главен услов за прогрес во македонскиот процес на пристапување кон Унијата.
Само една третина од популацијата во Македонија би поддржала членство во ЕУ, доколку тоа би било условено со промена на државното име, а 45 отсто од популацијата го поддржуваат членството во ЕУ но само под уставно име.
Седумдесет и седум отсто од анкетираните во 2017 година се сметаат себе си исклучиво за Македонци, Албанци или припадници на друга етничка заедница, а само три отсто се сметаат Европејци.
- Изминатите 15 години има јасна корелација меѓу трендовите на поддршка со кредибилитетот на македонските перспективи со членство во ЕУ, вели Дамјановски.
Појасни дека највисоката поддршка е во периодот од 2004 до 2009 година, кога Македонија, ја зајакнува својата позиција во пристапниот процес преку добивање кандидатски статус и препорака за почнување преговори за членство.
На прашањето која е главната причина поради која Македонија се уште не е дел од Унијата, 37 отсто сметаат дека тоа е неостварување на домашните реформи, а ист процент сметаат дека соседните земји го попречуваат влезот на Македонија во ЕУ. Кај втората причина се гледа пад во 2017, во 2016 такво мислење имале 47 отсто, а во 2014 година 59 проценти.
Дваесет и седум отсто од испитаниците во анкетата од 2017 сметаат дека Македонија во следните три години ќе стане членка на Унијата, 22 отсто во следните пет години, 20 отсто сметаат дека тоа нема да се случи никогаш, 12 отсто одгориле дека дел од ЕУ ќе станеме во следните десет години, 11 отсто не знаат, а седум отсто сметаат дека тоа ќе се случи во следните 20 години.
Педесет и еден процент од анкетираните својата поддршка за влез во ЕУ ќе ја дадат поради унапредување на животниот стандард, а 23 отсто поради намалување на невработеноста. Дванаесет отсто сметаат дека така ќе се зголеми сигурноста и стабилноста на државата, а пет проценти дека ќе се овозможи пристап до работа во странство.
Во врска со партиското влијание врз поддршката за влез во Унијата, приврзанците на ДУИ даваат најголема поддршка, која изнесува 90 отсто, СДСМ се на второ место со 83 проценти, додека ВМРО-ДПМНЕ се со 60 отсто поддршка.