Нема да се потпишам во нечие друго име на Законот за јазиците за тој да профунционира. Спикерот на Собранието, Талат Џафери вели дека не се оптоварува временски кога Законот ќе профунционира, бидејќи немало потреба од дополнителни тензии.

Џафери нагласува дека се анализираат неколку опции за решението да стане оперативно, но кои се тие не обелодени, освен што рече дека ќе биде решение со кое се запазува процедурата. Усмено побарал средба со претседателот Иванов, но од Кабинетот не добил повратен одговор.

Импичмент за шефот на државава, смета собранискиот спикер, е неостварливо, бидејќи Закодавниот дом со двотретинско мнозинство треба да ја изгласа потребата од одговорност на претседателот, а потоа да одлучува Уставниот суд.

Според Џафери, опозицијата би требало да се врати во работните тела на Собранието, бидејќи со пуштањето од притвор на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за настаните од 27-ми април биле елиминирани нивните аргументи да не учествуваат во работата на Парламентот.

Смета дека е доволно што од затворот, пратениците се префрлени во домашен притвор. Нов обид за средба во рамки на процесот „Жан Моне“ треба да има од 17-ти до 19-ти мај во Охрид.

На оваа средба, како што беше претходно најавено, се очекува да се разговара за измените на деловникот на Собранието, етичкиот кодекс и за други прашања за кои има оставено простор да ги отворат пратеничките групи.