Реално независен од надлежностите и влијанието на полицијата, со методологија транспарентна за увид на јавноста и овластувања да донесува правно обврзувачки одлуки, се основите на кои треба да почива надворешниот механизам за контрола на работата на полицијата.

Постојните механизми за контрола на работата на полицијата не се ниту независни, ниту ефикасни, посочија учесниците на Првата сесија на Работната група 4 - Правда, слобода и безбедност на Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија на тема „Воспоставување надворешен механизам за контрола на работата на полицијата“.

- Извештајот на ЕК од 2016 го осветлува ова прашање како нешто на што мора да се работи имајќи предвид дека актуелниот Оддел внатрешна контрола, криминалистички истраги и внатрешни стандарди има извонредно важна надлежност, но е дел од организациската шема на МВР и по дефиниција не е независно тело, вели професорот Трпе Стојановски.

Потсети дека оваа идеја потекнува од 2006, кога МВР заедно со невладиниот сектор работело на создавање на концептот, но поради отсуство на политичка волја да се спроведе иницијативата згаснала и додаде дека сега е видлив полиберален пристап на носителите на одлуки по ова прашање.

Станува збор за воведување концепт на граѓанска контрола која ќе работи под капата на Народниот правобранител.

Потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска Ременски истакна дека новите мерки предвидуваат отворање посебно одделение, кое ќе работи во рамки на канцеларијата на Народниот правобранител, кое ќе биде посветено исклучиво на полициските овластувања.

Најпрво се одело контролата да се однесува само на БЈБ, УБК и затворските службеници, а сега се разгледува можноста таа контрола да се прошири и на останатите државни службеници, кои го спроведуваат законот и имаат еквивалент на полициски овластувања.

Надворешниот механизам има поголема кредибилност во очите на јавноста, кога истражува предмети поврзани со полициски злоупотреби, бидејќи ќе подлежи на влијание на полициската организација, нагласија учесниците во дискусијата.

Ременски рече дека дека желбата за соработката на граѓаните со полицијата во континуитет бележи пад според истражувањата до 2014 година, а главна причина, според неа, бил процесот на лустрација.

- Мораме да бидеме отворени и да признаеме дека самиот процес на лустрација, кој обелодени соработка на граѓани со полицијата, која во тоа време била од интерес за безбедноста на државата сериозно го наруши процесот за воспоставување искрени форми на соработка, поради што секој поединец има страв дека утре ќе му се извади изјава за соработка, вели Ременски.

Воведувањето на оваа контрола повлекува измени во седум закони и крупни структурни промени.

Државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска истакна дека изминатите години полицијата добивала апсолутна моќ, нејзините припадници станувале недопирливи, а внатрешната контрола како дел од овој систем останувала нема и слепа пред фактите и вистината.

- МВР сега се откажува од дел од своите надлежости. Ова претставува своевиден парадокс за Министерството. МВР досега не се откажувало од дел од своите надлежности. Секогаш се ширело и зголемувало, се пробивало во простори, кои биле неосвоиви, со цел да ги зголеми своите функционални надлежности, вели таа.

Претседателот на собраниската Комисија за надзор на спроведување на ПИ мерки, Емил Димитриев нагласи станува збор за системи, кои на некој начин се привилегирани, поради нивните овластувања, поради што е потребно да се изградат механизми, што ќе имаат максимална контрола врз нивната работа.