Со принципите на транспарентност и отчетност Владата воспоставува нови практики на политики во интерес на граѓаните, рекол владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната трибина „Стратегија за креирање на јавните политики“,организирана од Универзитетот ФОН.
На трибината, на која присуствувале медиумски работници, професори и студенти, се разговарало за начините за поттикнувањето на партиципацијата на граѓаните во владините политики со цел унапредување на сите сегменти од општествениот живот.
Според соопштението од владината прес-служба, Бошњаковски нагласил дека оваа Влада има политичка желба и волја, јавно и транспарентно да носи одлуки за тешки прашања и проблеми.
- Прв пат во политичката пракса во Република Македонија, Владата е таа што, самоиницијативно, го стави на најотворен, најтранспарентен начин, своето работење односно финансиските трошоци на избраните функционери, истакнал Бошњаковски говорејќи за одлуката со која министрите, замениците-министри, државните секретари, Генералниот секретар и Премиерот на Република Македонија, се должни да доставуваат информации за службените трошоци.
Додавајќи дека, во првата фаза, шеесетина функционери од извршната власт имаат обврска своите трошења да ги изложат пред очите на јавноста, тој посочи оти се надева дека примерот ќе го следат и другите ешалони на власта, вклучително и локалната самоуправа
Пратеничката Ивана Туфегџиќ, на трибината говорела за законодавната власт и за потребата за изнаоѓање начини за отворање можност за поголемо партиципирање на граѓаните во креирањето на политиките кои се од јавен интерес.
Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, пак, потенцирал дека контактите со граѓаните, како и услужна, транспарентна и отворена општина, придонесува кон креирањето на јавната политика.
Како претставник на медиумите, новинарот Горан Михајловски, се задржал на важноста на медиумите, како контролори на власта.