Планот 3-6-9 со кој Владата се фалеше некако тешко дека види бел ден. Рокот беше крај на март, сега е почеток на април многу од ветените работи не се реализирани. Во меѓувреме опозицијата беше надвор од Собранието, а власта протнуваше законски решенија. Но, конечно опозицијата сфати дека доколку навистина сака да биде слушната мора да направи чекор и нејзините претставници да седнат во пратеничките фотељи. Не за друго, туку зошто треба да бидат коректор на власта.
Прва од областите во која се ветуваа реформи беше правосудната област. Надлежните мака мачеа да се формира тело кое ќе ги воспостави реформите за потоа истите да се реализираат. По повеќе обиди кон крајот на март се одржа конститутивна седница на надлежниот совет и треба да се даде време за да се види во која насока ќе одат реформите во секторот.
Како почна приказната? Прво, веднаш по превземањето на власта лани на први јуни, се одлучи да се формира Совет за реформи во правосудството и беше најавен генерален реизбор на сите судии. Но, од тоа ништо. Прв незадоволство искажа професорот Гордан Калајџиев кој и излезе од ова тело.
- Некои важни иницијативи се одбиваат без аргументација, така што Советот го доживувам повеќе како декор на министерството и Владата отколку како вистински Совет за реформи, рече Калајџиев кога кон крајот на минатата година си поднесуваше оставка.
Второ, потоа се одлучи да се формира ново тело кое ќе го предводи премиерот Зоран Заев. Трето, за да се сретне Заев со членовите му требаа три месеци. Или конститутивната седница на Советот за следење на имплементацијата на стратегијата за реформи на правосудниот сектор се одржа кон крајот на март. Според премиерот и претседавач на ова тело, Заев, „формирањето на Советот е со цел враќање на дигнитетот на правосудството, обезбедувањето правда и право“. Но, она што е факт е дека само за формирање на тело за реформи во правосудството беа потребни ни помалку ни повеќе, туку девет месеци. Оттука сите потребни акти кои треба да се усогласуваат дополнително ќе доцнат.
-Кога станува збор за реформите во правосудството впечатокот е дека како да се лута и не се знае како треба да се спроведат реформите во оваа област, вака неодамна, Мирјана Лазарова Трајковска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа во Стразбур, поранешен претседател на ДИК, а со искуство и во МНР и МВР, ги коментираше предлозите за реформа.
Слична е состојбата и со предвидената реформа на безбедносните и разузнавачките служби за која во Планот 3-6-9 се вели дека е „повеќе од неопходна“. И тука исто почната - недовршена работа.
Експертите со забелешки. Според нив законските измени кои се подготвуваат не значат суштинска реформа на безбедносните служби, ниту пак има изгледи дека ќе гарантираат целосна контрола на институциите кои имаат можност за прислушување. На дебатата што се одржа на оваа тема кон крајот на март дел од правните експертите со предупредување дека концептот на новата агенција ОТА(Оперативно-техничката агенција, која ќе биде медијатор во прислушувањето меѓу операторите и корисниците, а се очекува да почне со работа од ноември 2018 година), всушност нема да биде одржливо решение.
Недоволно јасните правила на контрола на службите за безбедност се причината поради која професорката Мирјана Најчевска, смета дека новата ОТА агенција не и дава надеж за системско решение кое ќе спречи злоупотреба на службите.
Во Планот се предвидува и дека „Владата во рамки на своите надлежности ги поддржува мерките за обновување и развој на демократскиот амбиент, низ политички дијалог и соработка со сите парламентарни партии, а особено со опозицијата“.
Опозицијата во знак на револт пак поради притворите на пратениците за настаните од 27 април минатата година не беше дел од расправата во Собранието. Во неделата падна одлука тие да се вратат во Собрание. Но тоа не ги иззема од одговорноста што не беа во Собранието. Зошто? Затоа што во период кога на маса се клучни теми како името, прашања кои ги засегаат односите меѓу заедниците, а тоа е особено важно за држава како Македонија која е мултиетничко општество, тие не смеат да бидат надвор од Собранието.
Планот говори за Охридскиот договор, но за истиот во документот само се вели „во делот на имплементацијата на Охридскиот договор, во духот на кохезија, Владата се договори за унапредување на имплементацијата на легислативните елементи“. Во овој дел е законот за јазиците кој мина во Собранието без почитување на процедурата. Прво, претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара да се поднесат амандмани, за потоа да се предомисли и да не ги става на расправа истите. Резултат е непотпишан указ за законот од претседателот на државата. Тоа остави простор за различни толкувања, да се применува законот или не, па секој тера како мисли. Д.Б./С.Д.
(Продолжува)