Планот 3-6-9 предвидува и реформи во јавната администрација или како што се вели во истиот „главни цели се департизација и професионализација на администрацијата, како и градење на квалитетна и сервисно ориентирана администрација која ќе функционира и работи во подобрени услови“.
Од овој дел на 30 март го слушнавме Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација кој рече дека вкупно 139.009 лица се вработени во јавниот сектор и тоа во 1.299 институции. Вкрстената анализа на институциите покажува дека од нив дури 128.722 лица имаат засновано работен однос, а останатите спаѓаат во групата на вработени во акционерски друштва во државна сопственост и привремено вработени.
-Вкупната бројка на вработените вклучително со акционерските друштва и преку агенции за привремено вработувања, изнесува 139. 009 лица. Според овие податоци во 2017 година, сме имале 1.299 институции и 128.722 во работен однос во јавниот сектор, без акционерските друштва и оние преку агенции за привремено вработувања, изјави Манчевски.
Со слична бројка од околу 127 илјади административци, пред две години излезе и тогашната министерка за информатичко општество Марта Арсовска. Но, нејзиниот заменик тогаш, Александар Кирацовски ја оспоруваше бројката и тврдеше дека станува збор за над 180.000 вработени во јавниот сектор.
Од информациите на министерот Манчевски слушнавме бројки, слични што ги кажаа во јавност и за време на претходната влада. Или демант на Кирацовски кој тврдеше дека има многу повеќе вработени во овој сектор.
-Вработените во јавниот сектор, заедно со привремено вработените и вработените во трговските друштва со доминантна или целосна сопственост на РМ, врз кои власта има директно влијание брои над 180 000 вработени, изјави Александар Кирацовски.
Ниту во делот на медиумите, што исто така е предвиден за реформи во Планот 3-6-9, не е направено многу. Надлежно е исто, министерството за информатичко општество и администрација. Клучниот закон за кој стои во Планот се вели дека ќе биде усвоен во март, односно измени на истиот, а станува збор за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, исто не виде бел ден во рокот. Негодувања има, но прашањето е дали истите кои беа искажани и на јавната расправа минатата недела некој ќе ги вклучи во законот?
Забелешки има во однос на: висината на предложените финансиски средства за Македонската радио-телевизија, која како јавен сервис е клучен дел од медиумските реформи, потоа за измената во начинот на предлагање и избор на членовите на Програмскиот совет на МРТ, измените во условите за кандидат за директор и заменик-директор на МРТ, потоа во однос на бараното минимум осум годишно работно искуство, на лицата кои ќе се кандидираат за членови, во областа на медиумите, комуникологија, комуникации со јавноста и раководење, како и за начинот на избор на членови во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги и друго.
И тука останува да се види како ќе помине расправата во Собранието и каков закон на крај ќе има.