Со враќањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собрание, приоритет е да се спроведе реформата на Државната изборна комисија, и истата да се комплетира. Ова е важно и поради фактот што ДИК остана само со еден член, наместо девет. Остана само Ермира Асани Салија, која е најнов член на Комисијата од редовите на Беса.

До ова пак дојде откако американскиот амбасадор Џес Бејли на почетокот на декември минатата година обелодени за бонусите кои ги земале членовите, пошто тие еден по еден си подесоа оставки.

Значи Македонија нема Државна изборна комисија во период кога разговорите со Грција за името се созголемена динамика.

Од една страна, по евентуален договор со Грција треба да се одржи референдум за што се согласни и власта и опозицијата. Од друга страна, се почесто во јавноста се слуша и за можноста за предвремени парламентарни избори. Како и да е догодина на пролет треба да се одржат и редовни избори за претседател на државата. Или во моментов нема кој да организира ниту референдум, ниту евентуални избори. А за комплетирање на ДИК потребно е двотретинско мнозинство, значи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е неопходно да седнат во собарниските фотељи.

Од ДИК пак за Макпресс.мк велат дека за се што се говори во врска со ДИК се информирани само од медиумите, бидејќи на ниту еден начин засега како стручна служба не се вклучени во било што.

-Не сме вклучени во тоа за што се говори, те. промени во ДИК, реформа. Она што ние како стручна служба го правиме тоа се обуките кои се континуиран процес. Сега на пример во тек е обука за општинските изборни комисии за лица со попреченост. Тоа е проект што се спроведува со невладината Инклузива за кој имаме потпишано Меморандум за соработка, вели Љупка Гугучевска од ДИК.

РЕФОРМА ИЛИ РЕОРГАНИЗАЦИЈА

За реформата на ДИК падна договор помеѓу власта и опозицијата, односно помеѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Практично измените на составот на ДИК како што има информации во јавноста се на барање на ВМРО-ДПМНЕ.

За оваа цел треба да се смени Изборниотзаконик, затоа што на некој начин станува збор за нов концепт на ДИК.

Досега ДИК имаше по тројца членови од експертските кругови и од најголемите партии на власт и во опозиција. Сега договорот е ДИК да функционира како административно тело, на чие чело ќе биде генерален секретар предложен од опозицијата. Членовитена ДИК исто како и до сега ќе се избираат на оглас, а ќе се состанува шест месеци пред редовни избори и ќе бидат во заседание до заокружување на изборниот циклус.

Коментарите се дека целта е да се спречи праксата членовите на ДИК да земаат големи плати, а да не работат ништо кога нема избори.

Како дојде до одлуката за промена на составот на ДИК? Веднаш по доаѓањето на Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, зачестија средбите со Заев. На една од нив падна договор моделот од Пржино да се напушти. Мицкоски, по една од средбите, изјави дека комплетирањето на ДИК ќе се прави по стариотмодел.

-Претседателот на ДИК ќе биде од опозицијата, додека мнозинството од членовите ќе биде на власта, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

ИНИЦИЈАТИВИ ИМА, РЕАЛИЗАЦИЈА СЛЕДИ

Пред Нова година претседателот на Собранието Талат Џафери, на пленарна седница ги констатираше оставките на осумте членови на Државната изборна комисија, по поднесеното лично барање од членовите.

Како што е познато оставки поднесоа членовите од редовите на експертите: претседателот Александар Чичаковски, потпретседателот Реџеп Прекопуца и Атанас Урумов; Игор Милев и Виолета Дума предложени од СДСМ; Сашо Срцев и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ и Субхи Јакупи од ДУИ.

На почетокот на февруари пратеникот Антонио Милошоски до Собранието поднесе Предлог одлука за распишување оглас за избор на претседател, потпретседател и шест членови на ДИК. Но, оваа точка никако не се најде на расправа на пленарна седница.

-Моментално состојбата со ДИК е незаконска и одговорноста е на собраниското мнозинство, на кој поважна му е Владата. Самите ќе бидете сведоци дека оваа точка е ставена на дното на дневен ред заради две коалициски политички партии. Кому му одговара ДИК да не биде екипирана, ќе дознаеме од редоследот на настаните кои ќе следуваат, предупреди во февруари Милошоски.

Според правните норми членовите на ДИК се должни да ја извршуваат својата функција сè додека Собранието не им ги констатира оставките. Поконстатирањето на оставките, собранискиот спикер Талат Џафери, согласносо Изборниот законик во рок од три дена треба да ги извести политичките партии и од власта и од опозицијата да му достават предлози за нови членови на ДИК.

Ако тоа не се случи во законскиот рок, членовите на ДИК ги предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Претседател на оваа комисија е пратеникот Илија Димовскиод ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, откако членовите на ДИК ги поднесоа оставките ВМРО-ДПМНЕ не беше дел од работата на Собранието поради притворот за пратениците кои го добија поради настаните од 27 -ми април.

– Без ВМРО-ДПМНЕ нема шанси да се изберат нови членови на ДИК. Прво, затоа што двајца членови треба да предложитокму ВМРО-ДПМНЕ. Дури и да имаме предлози за членови, тие се избираат на пленарна седница со двотретинско мнозинство, што нема шанси да се случи доколку ВМРО-ДПМНЕ продолжи со бојкотот, објасни кон крајот на декември минатата година, Александар Новаковски, поранешен претседател на Комисијата.Д.Б/С.Д.