На денешната седница во Собранието на Република Македонија на дневен ред е интерпелацијата против Владата на Република Македонија поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Единствени проекти коишто ги спроведе Владата на СДСМ и ДУИ во изминатиов период се партизирање на институциите и нивно деградирање, заробено судство, луксузирање на владините функционери со парите на граѓаните и политички реваншизам“, пишува во образложението на опозициската партија во барањето за изгласување на недоверба на Владата, потпишано од 41 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Во документот се вели дека СДСМ и ДУИ за да ја одржат коалицијата ја погазиле демократијата во државата, Уставот, законите и собранискиот Деловник. Дека на сила го изгласале Законот за јазиците, не спровеле ниту една реформа од планот 3-6-9, кој, велат, доживеал целосен колапс.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, со СМС-пораки седницата ја закажал со почеток од 11:00 часот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека очекува Собранието да изгласа недоверба на Владата и да се организираат предвремени парламентарни избори.
– Очекувам на крај на денот да се изгласа недоверба на Владата и да можеме понатаму да видиме како ќе ја развиваме Република Македонија, да организираме предвремени парламентарни избори и се што оди со тоа – рече Мицкоски.
Според собранискиот Деловник, гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба.
За изгласување недоверба потребно е апсолутно мнозинство, односно 61 глас од вкупниот број на пратеници.