Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во Истанбул се сретна со Вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Претседателот Иванов, соопштија од неговиот кабинет, упатувајќи честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, ги поздравил активностите и напорите на Вселенскиот патријарх за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии.

- Во време кога светот се соочува со тешки предизвици, потребна е заедничка посветеност и заложба во одбраната на христијанските вредности и принципи, кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот и меѓусебната почит, истакнал македонскиот претседател.

На средбата биле разменети мислења за повеќе актуелни теми од заемен интерес‎.

Двајцата соговорници разговарале за прашања поврзани со статусот на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија. Претседателот Иванов истакнал дека МПЦ-ОА е жива црква, додека Вселенскиот патријарх изразил надеж дека прашањето ќе се реши. Претседателот Иванов упатил покана до Вселенскиот патријарх да ја посети Република Македонија, по повод одбележувањето на големиот јубилеј - 1000 години од формирањето на Охридската архиепископија.

Претседателот Иванов престојува во работна посета на Република Турција, по повод учеството на 21. Евроазиски економски самит.