Eвропските перспективи на Македонија и Украина, билатералните односи меѓу двете земји, како и можностите за унапредување на соработката, особено во економската сфера, биле темите на кои денеска разговарале во Скопје вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и украинскиот министер за надворешни работи, Павло Климкин.

Соговорниците, како што соопшти прес-сужбата на СЕП, заеднички се согласиле дека меѓу Македонија и Украина нема отворени политички прашања, што ги прави меѓусебните односи исклучително добри. Тие потенцирале дека двете земји една во друга гледаат искрен партнер, пријател и сојузник, земји кои имаат заеднички евроатлантски аспирации.

- Добрите политички односи треба да бидат основа за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, истакнал Османи, додавајќи дека Владите на двете земји треба да обезбедат услови за унапредување на трговската и инвестициската размена.

Во однос на европските перспективи за време на средбата вицепремиерот Османи потенцирал дека Владата останува посветена на ЕУ-агендата и дека напорно работи на реформите и во овие последни денови пред 17 април, т.е. пред излегувањето на редовниот извештај на Европската комисија за состојбите и напредокот на земјите.

Во оваа насока соговорниците изразиле обострана поддршка за аспирациите на Република Македонија и на Украина за членство во Европската унија и во НАТО што, како што е наведено во соопштението, позитивно ќе влијае на демократските процеси, стабилноста и безбедноста на земјите.