Неделава пред и по расправата за доверба на Владата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, пред пратениците се дел и од најавуваните реформски закони од области кои беа наведени како приоритети во Планот 3-6-9, како правосудство, внатрешни работи и слично. Според објавената агенда на Собранието засега пред пратениците се само два со европско знаменце. Дел пак од законите како оној за судови, за јавно обвинителство, за следење на комуникациите и други, иако се од области во кои се потребни реформи кај нив го нема ЕУ знамето.
Од законите кои се во Собранието, некои на пленарна седница, некои на разгледување во надлежните комисии, европското знаменце го имаат овие закони: првиот е, Предлог законот за измена и дополна на Законот за оружје, а вториот е, Предлог - законот за високо образование.
Пред пратениците неделава ќе бидат и законите како Предлог - закон за следење на комуникациите, Предлог - закон за Оперативно техничката агенција, потоа Предлог законот за измена и дополнување на Законот за судовите, за јавното обвинителство, за кривичната постапка и слично. Но, овие го немаат европското знаменце.
ЗОШТО СЕ ОВИЕ ЗАКОНИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ
Предлог законот за измена на Законот за оружјето како што се вели во образложението на истиот има за цел да се направи „преквалификација на определени видови оружје, ограничување на правото на набавување на кусо и долго огнено оружје со жлебени цевки за лица помлади од 25 години под определени услови, продолжување на рокот за заменување на дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје.....“ Дополнително истиот се усогласува со европското законодавство.
-Со предложените законски решенија се очекува прецизирање на содржината на предметниот закон и негово хармонизирање со правото на Европската Унија, се вели во образложението приложено кон текстот на законот кој е пред пратениците.
За Предлог - законот за високо образование пак во образложението се вели „главни начела на кои се поставува реформата на високото образование, во чии рамки дел е и овој предлог на законски текст се 1) автономијата на универзитетите и 2) слободата на создавање и научно изразување на академската заедница“.
Но, за понудениот текст реагираа дел од студентските организации констатирајќи дека „со понудениот текст на закон за високо образование јасно е дека власта и ресорното министерство за образование и наука посегнуваат по автономијата на Универзитетот“.
Според нив сега се руши студентската автономија и организирањето на студентите.
Реакцијата е поради фактот што изборите за студентските претставници на факултетстките студентски собранија ги распишува деканот наместо самите студенти, потоа студентскиот правобранител пак кој треба да ги штити правата на студентите, наместо да биде избран од студентите, тој ќе се бира на седница на универзитетскиот сенат и на сенатот ќе треба да му поднесува извештаи за неговата работа.
РЕФОРМСКИ ЗАКОНИ БЕЗ ЕУ ЗНАМЕ
Во образложението кон Предлог законот за измени на Законот за судовите пак се вели дека интервенцијата се прави поради „потребата да се предвиди посебна надлежност за специјализирано судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија во Основниот суд Скопје I – Скопје да постапува по предметите за кои одделението во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде надлежно за кривично гонење за сите кривични дела извршени од страна на лица вработени во МВР кои имаат полициски овластувања и од припадниците на затворската полиција“.
Кога станува збор пак за Предлог законот за измена и дополнување на Законот за јавното обвинителство се посочува дека се пристапува кон измена и поради „воведување на надворешен контролен механизам“.
Со Предлог - законот за следење на комуникациите во образложението се констатира дека „се врши реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, а со тоа и унапредување на законските решенија со цел нивна соодветна практична имплементација“. Притоа се додава дека предлогот се заснова врз следните начела: почитување на човековите слободи и права утврдени со устав, закон и ратификувани меѓународни договори и забрана за следење на комуникациите од овој закон без судска наредба.
Предлог - законот за оперативно техничка агенција се вели во образложението дека е согласно „потребата од обезбедување вклученост на сите релевантни чинители кои се вклучени во постапката за следење на комуникациите, но и на собраниските тела за нивниот надзор и контрола...“ Д.Б/С.Д.