Период од 35 дена во кој здравствената установа ќе има можност да вработи лекар, како и дополнителни три месеци за ново вработениот доктор да ги контактира и да ги префрли пациентите кај него. Ова е решението што Фондот за здравствено осигурување им го нуди на матичните лекари како одговор на нивното барање осигурениците да бидат прикрепени за здравствена установа, а не за избран лекар.

Ваквиот предлог бил соопштен на средбата на директорите на Фондот, Ден Дончев и Орхан Рамадани со извршниот одбор на Лекарската комора.

Според д-р Ана Петрова, советник на директорот, правото на избор на лекар треба да остане на пациентите, а во периодот додека трае трансферот, на докторот ќе му се исплатува капитацијата, односно ќе добие толку колку што имал претходниот доктор.

Станува збор за преоден концепт, додека за конечното решение ќе може да се разговара откако ќе се воведе електронското здравствено досие и интегрираниот здравствен систем, а за тоа, како што беше објаснето, ќе бидат потребни од три до пет години. На средбата биле најавени и измени во системот на упатување на пациентите, како и во обрасците за итна медицинска помош, за домашно лекување и за дежурните служби. Надлежните констатирале дека во моментов нема можности за зголемување на капитациониот бод.

Макпресс.мк побара став од Др Лилија Чолакова Дервишова - Претседател на здружението на приватни лекари на Република Македонија во врска со предлогот на Фондот за здравствено осигурување.

„Точно е да, имаше работен состанок во ЛКМ, на кој беа поканети и Директорите на ФЗОМ и јас како Претседател на ЗПЛРМ.

На нашето барање пациентите да се регистрираат на ПЗУ - Фондот даде предлог како преодно решение ,во случај да си замине вработениот доктор ,сопственикот да бара на оглас нов доктор до 35 дена, ако не може да се најде ,тогаш Фондот да ни даде три месеци капитација целокупна но и да ги повикуваме сите пациенти кои биле на докторот кој си заминал, наново да се изјаснуваат на ИЛ образец и да ги префрлуваме на носителот на дејноста.

Нашиот одговор на предлогот беше дека жалиме за предложените преодни решенија бидејќи нас ни требаат трајни решенија со промена на член 32 од Законот за здравствена заштита. На терен низ Македонија нема доктори за вработување и ние како матични доктори сериозно имаме проблем.

Враќање на изјаснување на хартија исто е проблем бидејќи огромен број на пациенти се вработени во Скопје и ќе треба матичните доктори да одат со изјавите за Скопје. Или матичен доктор од Градско да оди за Велес во ФЗОМ да пријави пациент за да му издаде боледување или лек. Нас ни треба електронско здравство со електронски пријави и нештата мора да одат напред.

Докторите мора да го трошат времето за превенција и прегледи а не да вртат телефони и да бараат пациенти да се изјаснуваат од поново.

Се надеваме да нашиот партнер ФЗОМ ќе размисли уште еднаш во интерес на задоволство на двете страни. Оваа Влада има во својата програма точка Пациенти на ПЗУ и зголемување на капитационен бод. И веруваме да зборот ќе си биде збор.“ истакна Др Лилија Чолакова Дервишова за Макпресс.мк