Во касарната „Алексо Демниевски- Бауман“ во Велес денеска свечено беше одбележан 15 април Денот на Командата за обука и доктрини КОД.
Пред војниците и гостите во касарната се обрати заменик началник на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај кој им го честита Денот на единицата и им посака понатамошна успешна работа.
-Почнувајќи од обуката на граничарите, па обуката на регрути на доброволно служење на воениот рок па се до најсовремениот Центар за симулации кој е во склоп на КОД, вие воспоставивте високи стандарди на посветеност и стручноста во извршување на задача и придонесувате за јакнење на воената готовност на АРМ, потенцира Рацај.
Пред присутните се обрати и полковникот Стојанче Тодоров заменик командант на КОД кој потсети дека во рамки на КОД успешно ги развиваат и спроведуваат курсевите за основна и напредна обука на професионални војници, како и курсевите за континуирана едукација и развој на подофицерскиот кор на АРМ.
Свеченоста беше збогатена со доделување награди по распишаниот литературен конкурс за основци на тема „АРМ-Армија на мирот“, а со инструментален настап се претставија учениците од ОМУ „Стефан Гајдов“ и КУД „Керамичар“ од Велес.
Пред 26 години на 15 април 1992 година во редовите на АРМ бил примен првиот војник на АРМ велешанецот Панче Јамандиев во касарната во Охрид.