Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до решение за спорот со името. Во игра е име со георгафска одредница, а не со временска. Разлики има во однос на промената на Уставот, што е поврзано со опсегот на употреба. Грчката страна има разбирање за нашиот идентитет, и верувам дека ќе успееме. За евентуално решение ќе има референдум, порача денеска премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ 24 вести.
- Јас сум првиот македонски премиер кој кажал дека за нас е прифатливо име со географска одредница и мислам дека тоа помогна во преговарачкиот процес. Грчката страна има разбирање за идентитетот и верувам дека ќе успееме, изјави премиерот.
Појаснува дека не е одлучено каква ќе биде географската одредница дали горна, северна, вардарска, но, оти со сигурност нема да биде временска одредница.
- Граѓаните треба да знаат дека е факт и ние немаме намера да го негираме тој факт оти од историска Македонија ние сме горниот, северниот, вардарскиот дел. Затоа и учевме како деца и сите знаеме дека постои тој дел. Постои егејскиот дел на Македонија, постои пиринскиот дел на Македонија. И тоа е факт. Ако сакаме да разграничиме тоа се прави со географска одредница. Временската одредница лично за мене не е прифатлива, не е прифатлива за опозицијата, за претседателот на државата, за граѓаните, заради тоа што нова Македонија има негативно влијание. Тоа не е добро дури и за грчката страна заради тоа што ќе дојдат нови генерации ќе прашаат која е таа стара Македонија, и пак се отвораат прашања коишто не сакаме да се отвораат, рече македонскиот премиер.
Ќе се обидеме, рече Заев, спорот да го решиме сами, како што го постигнавме договорот со Бугарија, затоа што тоа е добро и за развој на билатералните односи со Грција, но и затоа што со тоа се дава можност Македонија да чекори напред, да добие членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, за подобар живот на граѓаните.
- Решение ни треба. Навистина преку тоа решение конечно Македонија ќе зачекори и тоа со големи чекори напред. Тоа е многу важно за иднината на сегашните и идните генерации. Тоа што ќе го кажам ќе го кажам на начин на кој што верувам нема да отвори дебата во Грција или дома кај нас која што би била спротивставена на очекувањата, а очекувањата се дека одиме напред кон решение. Грчката страна има разбирање за идентитетот. Значи има разбирање и верувам дека ќе успееме. Тоа не може никаков договор, не знам какви не преговори, тоа не може никој да го промени. Тоа е нашето чувство наследено од нашите татковци, дедовци ќе го пренесеме на нашите деца и тоа е така. И мене ми е драго што грчките партнери од другата страна имаат разбирање, рече Заев во интервјуто.