Македонија очекува ЕК утре во Извештајот за напредокот на земјата да излезе со безусловна препорака за почеток на преговорите со ЕУ. Во документот се очекува да биде нотиран прогресот направен со надминување на политичката криза и исчекорот во добрососедските односи. На внатрешен план ќе се констатира одреден напредок, како и охрабрување за интензивирање на реформите во приоритетните области.

Во пресрет на објавувањето на Извештајот на ЕК во изјава за МИА Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис - Скопје (ИДСЦС) и Андреја Стојковски од НВО-секторот претседател на Евротинк-Центарот за европски стратегии ги изнесоа своите очекувања и коментари што ќе содржи извештајот и можните сценарија во однос на реализацијата на препораката.

Трошановски очекува безусловна препорака за почеток на преговори т.е враќање на статусот, што го имавме пред политичката криза.

- Зависи како гледате на ова, но може да го толкувате како прогрес​, или, пак, како ​уште една безусловна препорака по кратка пауза, смета Трошановски.​

Стојковски, исто така, оценува дека во моментов нема никаква сериозна политичка пречка за да има услов на препораката или да нема препорака. За него, тоа е евидентно според тоа како коментираат од ЕК и државите членки дека постои напредок во државава од 1 јуни наваму, практично од изборот на новата Влада, а бидејќи Извештајот опфаќа период од ноември 2016 до април 2018-та, очекува дека документот ќе прави дистинкција меѓу периодот заклучно со 31 мај минатата година и изборот на новата Владата и од 1 јуни лани до денес, односно функционирањето на новата Влада.

- Во укажувањето на тоа каков напредок е постигнат во извештајниот период, битно, а меѓудругото е и новина - да има генерална оценка за тоа до каде сме по конкретно поглавје и притоа ќе се даде оценка колкав напредок сме постигнале во изминатата година за секое од 35 поглавја. Очекувам и во Извештајот да се направи дистинкција во однос на горенаведените два периода што се опфатени со извештајниот период (ноември 2016 - мај 2017, јуни 2017 - до денес), вели Стојковски.

За вордингот во Извештајот Трошановски очекува земјата да биде силно охрабрена и поддржана за динамичните реформски заложби, со пофалба за враќање на политичкиот дијалог во Собранието и проактивниот однос во подобрување на соседските односи.

- Во делот на внатрешнорефромски план, сепак, ќе се нотира одреден прогрес во реформите на судството, јавната адмнистрација и безбедносниот сектор, критиката ќе биде насочена кон некомплетно спроведување на овие реформи, особено во првите две области. Ќе се повика на бескомпромисна борба против корупцијата, интегритет на судството, професионализација на јавната администрација т.е генерално фокусот ќе биде на владеење на правото, истакнува Трошановски.

За вордингот во Извештајот Стојковски очекува да биде бирократски и дипломатски и ќе се обиде да ги презентира работите онака како што Комисијата смета дека е најсоодветно за државата на која што и е наменет. Нема да има остар јазик, иако веројатно ќе има препораки за она што се очекувало да се направи и што се очекува дека ќе се направи во иднина, додава тој, но, претпоставувам дека ќе се искаже задоволство и дека ќе се поздрави напредокот за промена на состојбата во која што функционираше државата споредена со периодот за време на политичката криза до 1 јуни 2017. ​ Запрашани дали Извештајот ќе има новини ако се земе предвид и новата Старегија на ЕК 2025 за проширување​ и во тој контекст и изјавите на претседателот на ЕК Жан Клод Јункер дадени во неколку наврати дека кога станува збор за процесот на проширување Комисијата ќе инсистира на суштина, а потоа на календар, двајцата аналитичари нагласуваат дека новата стратегија нема директно влијание врз подготовката на Извештајот за напредок на земјите-аспиранти.​

- Не очекувам ништо дополнително од она што беше најавено во стратегијата, можеби дека, сепак, секоја земја ќе биде индивидуално вреднувана за реформите што ги прави​​, што за нас е многу важно бидејќи реално имаме многу поголем напредок и капацитет за интеграција од другите земји во регионот, вели Трошановски.

​За Стојковски, има мала измена во методологијата за изработка на извештаите при што едниот момент е општата проценка до каде се наоѓа државата во соодветната област, а вториот е годишната оценка или оценката за едногодишниот напредок остварен од страна на државата во соодветните поглавја.

- Меѓутоа, ќе се направи на тој начин за да може да биде компарабилен извештајот за сите држави. Инаку, останатиот дел од стратегијата е практично приказна сама за себе, а таа е инструмент на целата политика на проширување, не е само следење на напредокот во преземање на законодавството или имплементација на копенхашките критериуми, бидејќи стратегијата е малку поширока. Таа треба да и даде алатки на Комисијата за справување со потенцијални кризи за создавање на определен притисок и тоа се гледа на пример во експертските мисии за кои се зборува. Експертските мисии се по угледот на нашата комисија на Прибе. Таков систем на длабинско оценување во конкретни области ќе продолжи да се прави и во иднина. Меѓутоа тоа нема врска со годишниот извештај за државата и нејзиниот напредок. Тоа се две различни работи, смета Стојковски.

За тоа дали и годинава ќе изостане датум за старт на преговорите доколку не дојде до решение за името и покрај интензивните преговори Трошановски и Стојковски охрабрени од напредокот во разговорите за спорот ценат дека е можен пробив, но не исклучуваат и повторување на старото веќе видено сценарио.

- ​Доколку пропаднат преговорите апсолутно да. Но доколку преговорите разултираат со етапно решавање на компормисот и спроведување на договорното, може да се очекува Грција да не го блокира отпочнувањето на прегоровите. Таа и онака може да не блокира понатаму во било која фаза од прегоровите по поглавја, а за нас е многу важно да имаме формалното менторство на ЕУ, кое отпочнување на преговорите го овозможува. Земјата не може да си дозволи уште неколку години во „чекалната на ЕУ„. Видовме како отсуството на ЕУ перспективата во минатите години ја „зароби земјата„ и мислам дека уште неколку години надвор од овој процес, само дополнително ќе ги влошат работите: враќање кон националистички реторика, моноетничка политичка понуда, тенденции за уште поголема дефрагмаентација на политичкиот систем итн., посочува Трошановски од ИДСЦС. ​

Стојановски појаснува дека Комисијата може да даде само препорака за почеток на преговори, а следниот чекор ќе треба да биде првата дискусија за извештаите во рамките на Советот на ЕУ каде што ќе се третираат извештаите општо, ќе може да се подготвува последниот состанок на Европскиот совет на 28 и 29 јуни. На Европскиот совет може да се разговара понатаму и да се донесат конкретни одлуки за утврдување датум за почеток на преговори или пак други чекори коишто би можеле да бидат преземени.

- Ако постои политичка волја кај Унијата за отворање на процесот или за менување на процесот она што може да го очекуваме помеѓу 17 април и 28/29 јуни е некаков предскрининг (длабинско следење на работите во секое од поглавјата за да може да се подготват преговарачките позиции на ЕК). Предскрининг би можела да одлучи Комисијата да направи на најсуштествените поглавја - 23 и 24 бидејќи тие се врзани со политичкиот критериум со функционирањето на институциите, со состојбата на демократија и владење на правото и тоа ќе може да и даде шанса на Комисијата да биде поподготвена за одлуката на Европскиот совет. Ако не избрза со ова тогаш реално скринингот би можел да се случува во текот на летото затоа што, да претпоставиме дека немаме никаков друг проблем, одлуката на Европскиот совет во јуни, јас лично очекувам дека ќе биде проследена со формално отворање на преговорите до крајот на оваа година. Оваа претпоставка е ако проблемот со името се реши, вели Стојковски.

Ако пак го имаме предвид спорот со името, тогаш Комисијата, вели, ќе испорача извештај со чиста препорака, Советот ќе одлучи за почеток на преговори целосен, или со некаква друга форма, со консензус на сите држави членки.

- Но, ако немаме никаков проблем, гледајќи само како одат чекорите и што може да се очекува, тогаш лично очекувам во јуни датум за преговори и отворање на преговорите на крајот на оваа година, вели Стојковски.

Според него, доколку се постигне решение за името очекува џентлменски договор на двете страни, и без оглед дали ќе се завршии со ратификација во двата парламента, верува дека ќе има притисок тоа да се затвори.