Средношколци од Неготино биле оставени сами на себе во Италија, додека директорката на гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ заедно со нивните професори и соученици ја продолжиле екскурзијата во Франција.
Директорката и професорите кои се обврзале дека ќе се грижат за децата, се шетале до Франција, без никаква грижа на совест каде се наоѓаат двете деца, како ќе се снајдат сами во Италија и дали се здрави и живи.
Според кажувањата на дел од учениците за Лидер, двајцата ученици и се јавиле на класната раководителка дека се уште појадуваат и дека ќе дојдат за десет минути. Но професорите не можеле да се спротивстават на сопственикот на туристичката агенција, инаку пријател на директорката на гимназијата, кој не сакал ни 10 минути да ги почекаат двајцата ученици. Сопственикот образложил дека не може да се чека и ќе се вратат по децата дури по 15 часа откако ќе се вратат од Франција. Тој рекол децата да преспијат во истиот хотел.
Учениците откако не ги нашле автобусите на паркингот, во паника се јавиле кај родителите кои веднаш почнале да се јавуваат кај директорката и сопственикот на агенцијата, но нивните повици биле игнорирани. Цели 15 часа траела агонијата и на загрижените родители и на оставените деца кои се уште имаат трауми од целите случувања.
Наместо извинување и одговорност од директорката на гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ од Неготино и агенцијата тие почнале да им се закануваат на учениците да не кажат ни збор за целиот настан, никој да не дознае и да се однесуваат како ништо да не се случило, раскажаа за Лидер загрижените родители.
Покрај овој скандал учениците коментираат дека се излажани за хотелското сместување кое било многу полошо од тоа за кое било платено. Тие престојувале во ладни простории, автобусите со кои патувале исто така немале греење, голем дел од програмата за која биле дадена пари не била остварена, а во Милано, на дожд, цели два часа биле оставени да смрзнуваат и гладуваат на улица.
Целата агонија со учениците кои ги чекале останатите во Италија траела дури 15 часа, а во исто време и покрај тоа што нивните родители платиле за децата да бидат сместени со 5 ѕвезди, дел од децата биле сместени во хотел со 2 ѕвезди, при што децата се делеле на привилегирани и непривилилегирани.
– Според добиените информации, утрото кога учениците и останатите (многу раководни структури се за набројување) се подготвувале да заминат за Франција, двајцата ученици не биле во автобусот. Според кажувањата на дел од учениците, ѝ се јавиле на класната раководителка дека сéуште појадуваат и за десет минути доаѓаат. Според кажувањата на дел од професорите децата спиеле и поради тоа што биле „проблематични ученици“ ги оставиле во хотелот!?!? Во автобусите настанале гужви, викотници. И замислете шоферот и сопственикот на ТА „Балкан“ од Кавадарци кои ја организираат екскурзијата викаат по професорите дека не можат да ги чекаат децата и дека мораат да тргнат. За жал, професорите не можат да се спротивстават ниту на шоферот, ниту пак на сопственикот затоа што сопственикот и е школски другар на директорката (можеби и тоа е причината за нејзиното заминување на екскурзијата заедно се дефектологот кој што претходните две недели е на боледување и уште не вратена на работа заминува на екскурзија), а шоферот е сопруг на претседателката на Училишниот одбор во СОУ„Св.Кирил и Методиј“ – Неготино, кој пак давал образложение дека за петнаесет часа ќе се вратат од Франција и ќе ги земат. Како на филм!?!?
Професорите(кои за седум дена екскурзија и како заслуга за нивната „одговорност“ земаат од агенцијата околу 200евра) не можејќи на другите, па се нафрлиле да викаат по учениците за да биде тишина и ништо за тоа да не се коментира. По објавувањето на настанот нормално родителите контактираат со своите деца ама никој ништо не смее да каже. Дури сега откако се вратиле го коментирале престојот во хотелот и организацијата на екскурзијата. Тие се незадоволни од хотелското сместување, престојувале во студени простории, водичот кој требал да ги води на факултативни посети на знаменитости (едната посета чинела 20, а другата 10евра) не можеле да го разбудат и така им пропаднале тие пари, а исто така им барале по 30евра за некаква оштета, за каква не успеавме да дознаеме.
Ова се информациите кои неофицијално успеавме да ги добиеме. Би биле задоволни и ние и родителите и сите наши сограѓани доколку директорката и сите останати кои се виновни за овој немил настан излезат со вистинските информации, макар и да нé демантираат.
Се прашуваме само, дали Вие директорке ќе сносите морална одговорност и ако имате доблест си дадете оставка за овој преседан! Да оставите деца во туѓа држава и тоа малолетни, да ги обвинувате дека се проблематични и да заминете, а за кои родителите потпишуваат согласност дека Ви ги доверуваат цела една седмица, навистина ова е нешто невидено и нечуено. Никаква реакција не видовме ниту пак од Претседателката на Училишниот одбор (јасно е веќе од горенаведеното зошто?), а уште почудно да нема никаква реакција ниту од Совет на родители. Па и Вие претседателке на Совет на родители, пред сé и Вашето дете беше на екскурзија, па и Вие сте педагог – наставник по музичко образование во ООУ„Гоце Делчев“, па нели имавте доблест или грижа на совест па да свикате состанок, да го испитате случајот и да им дадете известување на родителите што се случува или само ви се потребни кога треба да се даде глас.
Бевме упорни и сакавме да дојдеме до повеќе информации. Се прашуваме дали идната година и со која доверба родителите ќе Ви ги остават своите деца да ги носите на екскурзија. Ова е уште еден показател зошто рејтингот на Вашето училиште секоја година се намалува, а резултат на тоа е сé помалиот број на запишани ученици.
По заминувањето Ви посакавме среќен пат и убав помин, ама за жал Вие тоа не умеете да им го овозможите на нашите деца! – пишуваат родители на страницата, Неготино-Информации-Случувања.
Родителите додаваат дека за случајот ретхо излегуваат информации, затоа што децата и нивните родители се под константен притисок од директорката и професорите.
-Само похрабрите ученици, до кои ете не успеале да допрат заканувањата и замолкнувањата од страна на раководните лица кажаа по нешто за настанот- пишуваат родителите за настанот.