Македонија неделава живее со Извештајот за напредокот подготвен од Европската комисија, претставување, предавање на премиерот Зоран Заев од страна на Хан, дебати...Но, дали граѓаните имаат придобивка од тоа? На краток рок тешко, за среден и долг ќе покаже времето, бидејќи влезот во Унијата и чини, не е само клуб од кој има придобивки.
Како и да е вордингот во извештајот говори за подобрување, но има и забелешки во некои клучни области борба против корупција, јавна администрација, економија.
Оваа година премиерот не го доби Извештајот од евроамбасадорот Самуел Жбогар, што е вобичаена пракса, туку од високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Фредерика Могерини.
-Доаѓањето на Могерини и Хан во Скопје, предавањето на Извештајот од Хан, средбата на премиерите од регионот во Скопје, па и самото одржување на Дигиталниот самит - главниот регионален настан оваа година - се едно големо признание од институциите на ЕУ за Владата. Основната порака не е дека треба да се фатат за работа, напротив - им се дава признание за досегашната добра работа, а тоа треба да биде поттик за понатаму, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европски политики.
(НЕ)РЕАЛЕН ИСЧЕКОР
Според Јорданова „исчекорот за кој се зборува во Извештајот е секако реален“.
-Се однесува на основните демократски вредности и треба да ни значи нам самите најмногу. Преговорите ниту ќе почнат утре, ниту ќе завршат задутре. Состојбата е таква што времетраењето и динамиката на преговорите ќе зависи од една страна - од подготвеноста на Унијата да прими нови членки, а од друга - од реалните остварувања на државата што пристапува. Работата на Могерини и Хан е и да отвораат можности внатре во Унијата да се забрза процесот, но тоа не можат да го прават, доколку ние не им даваме добри аргументи, изјави Јорданова за Макпресс. мк.
Таа посочува дека оваа година Македонија им даде добар пример и аргументи и внатре во Унијата, пред државите членки, за процесот да остане отворен и да се динамизира. Според неа обид за тоа е Стратегијата на ЕУ за проширувањето од февруари оваа година, со која се прави обид проширувањето да се врати позасилено на агендата на Унијата.
-Дури се споменува и година за Црна Гора и Србија - 2025. Сепак, отсега не може да се предвиди кога ќе биде следното проширување, а ниту дали ќе биде поединечно или во групи и во кои групи. За Македонија сега а важно да се отворат вратите на ЕУ, а потоа да се засили динамиката на пристапувањето. Затворањето на вратите на ЕУ по ваков признаен исчекор ќе биде голем ризик, најмногу за нас, но сепак и за Унијата, која во последната Стратегија се повикува на кредибилитет на процесот, вели Јорданова.
ПОФАЛБИ И КРИТИКИ
Сумирано во Извештајот се констатира „Земјата конечно ја надмина својата најтешка политичка криза од 2001 година. Земјата се соочува со фундаментални промени во поинклузивна и отворена политичка атмосфера“.
Но, понатаму следи вообичаениот вординг кој сумирано би зучел отприлика вака добро е, но може подобро. И да, да беше се во ред ќе имаше датум за почеток на преговори, а не препорака. Накедонија добива препораки од 2009 година, а со политичката криза последните две добишае како што Брисел ги нарече условени препораки.
Што се вели во извештајот?
Земјата е умерено подготвена со реформирање на јавната администрација. Треба да се подобри капацитетот на министерството за информатичко општество и администрација за водење и координирање на реформите во јавната администрација. Што се однесува до борбата против корупцијата, земјата постигна одредено ниво на подготовка. Сепак во Извештајот се нотира „Корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да претставува сериозен проблем. Политичкото мешање останува ризик“.
Постигнат е одреден напредок и земјата е на добар степен на подготовка за развој на функционална пазарна економија. Сепак се вели во Извештајот „Клучните слабости на економијата остануваат. Тие вклучуваат недостатоци во деловното опкружување, како што се слабото спроведување на договорите и големата сива економија економија. Структурните проблеми на пазарот на трудот се рефлектираат во ниската активност и високите стапки на невработеност. Фискалната политика е насочена кон краткорочни мерки и нема траен план за консолидација“.
ПОТТИКНАА, АМА И ПРЕДУПРЕДИЈА
И вообичаено власта задоволна, но не и опозицијата. Премиерот Зоран Заев вели дека Македонија доби заслужена чиста препорака за почеток на преговори, која претходно беше условувана од политичката криза. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак истакна дека ова е враќање на позитивната препорака која претходна влада на ВМРО-ДПМНЕ ја добиваше од 2009-та година, а ја загуби како резултат на наметната политичка криза во последните две години чии актери денес се дел од владата. Европјаните пофалија, но и потсетија. Еврокомесарот Јоханес Хан рече „гледаме позитивна промена,...но за да се задржи нема простор за задоволство, реформите мора да продолжат“.
Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер посочи „Одлуката на Европската комисија да предложи Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за приклучување кон ЕУ, не значи дека овие преговори ќе почнат уште утре“.