Воведувањето на нови технологии во земјоделството е приоритет на секоја држава која цели кон создавање едно модерно, развиено и конкурентно земјоделско производство, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на меѓународната конференција „Заедно за силно дигитално земјоделство“, што се одржува во Софија.
На панел дискусијата, министерот Николовски истакна дека македонската Влада активно работи на земјоделски иновативни системи и на унапредување на информациските и комуникациски технологии.
- По поврзаноста помеѓу регистрите и базите на податоци на релевантните институции - Министерството, Платежната агенција и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и дигитализацијата на земјишните парцели преку Системот за идентификација на земјишни парцели, имаме постигнато целосно спроведување на Интегрираниот Систем за Администрација и Контрола – ISAC. Поднесувањето на барањата за државна поддршка се врши по електронски пат, а Регистарот за земјоделски стопанства и Мрежата на сметководствени податоци на земјоделските стопанства (FADN) е надграден со повисоки стандарди, рече Николовски.
Како позитивен пример за примена на информатичките и комуникациските технологии, Николовски го посочи Преспанскиот регион, каде земјоделците имаат можност да донесат подобри одлуки за примена на пестициди и наводнување што придонесува за намалување на употребата на пестициди за 30 проценти и зголемување на ефикасноста во наводнувањето за 50-60 проценти.
Во рамки на конференцијата, министерот Николовски оствари средба со неговиот бугарски колега Румен Порожанов со кого договорија заеднички активности и поддршка од бугарското Министерство за модернизација на земјоделството и подготовка за пристапниот процес во Европската Унија.
Посебен акцент е ставен на подигнување на искористеноста на ИПАРД, акредитирањето на нови мерки и јакнењето на човечките капацитети, за што бугарскиот министер истакнал дека стојат на располагање за експертска помош во делот на искористувањето на европските фондови.
Од Министерството за земјоделство информираат дека веќе следниот месец ќе почнат средби на работните групи за подобрување на трговијата меѓу Македонија и Бугарија.
Конференцијата во Софија ја организира бугарското Министерство за земјоделство, храна и шумарство, Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации и Институтот за агростратегии и иновации. Присуствуваа министри за земјоделство од Европската унија, Турција и од Западен Балкан, како и претставници на ФАО, земјоделци и експерти од областа на земјоделството.