Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска беше во посета на Луксембург при што со неговиот домаќин, министерот за надворешни и европски работи Жан Аселборн, размениле мислења за препораката содржана во последниот Извештај на Европската комисија за Република Македонија и перспективите за добивање датум за отпочнување на пристапни преговори.
- Министерот Аселборн ја реафирмираше поддршката за Република Македонија и ја охрабри Владата да продолжи со реализацијата на внатрешните реформи во насока на реализација на европските и евроатланските интеграции, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.
Димитров го брифирал својот домаќин за најновиот развој на внатрешно-политичките состојби, реформската агенда, регионалната соработка, како и заложбите за изнаоѓање компромисно решение за билатералниот спор со Република Грција.
Во тек на посетата, Димитров остварил средби и со претседателот на Парламентот на Луксембург, Марс Ди Бартоломео и членовите на Парламентарната комисија за надворешни и европски прашања, одбрана, соработка и миграции, а во Стопанската комора на Луксембург, пред заинтересирани компании ги презентирал можностите за инвестирање во Република Македонија.