За интеграцијата во Европската унија е создаден моментум кој сум убеден дека ќе го искористиме, порачал вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи пред учесниците на Самитот на шефови на држави и влади на земјите-членки на Процесот на соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува на Брдо кај Крањ.
Османи, соопшти неговиот Кабинет, изразил задоволство од постигнатиот напредок за време на словенечкото претседавање во однос на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
- Создаден е моментум кој сум убеден ќе знаеме да го искористиме. Мотивацијата со којашто влегуваме во овој процес е силна и како држава подготвени сме да преземеме брзи, и таму каде што е потребно, радикални реформи, рекол Османи и укажал на охрабрувачката содржина во минатонеделниот Извештај на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјата, и безусловната препорака за започнување на преговорите за членство во ЕУ.
Како што порачал, државите од регионот заради заедничкиот географски, историски и социоекономски потенцијал треба да ја споделуваат и заедничката европска иднина.
Во рамки на посетата, вицепремиерот Османи ќе има и билатерална средба со Јоанис Аманатидис, заменик министер за надворешни работи на Грција, каде ќе бидат отворени прашањата за унапредување на меѓусебната соработка, предизвиците на тој пат, како и можностите за соработка во насока на искористување на регионалните и европските инцијативи, информираат од Кабинетот на вицепремиерот Османи.
Процесот за соработка на Југоисточна Европа е иницијатива за регионална соработка каде покрај Македонија членуваат: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија,Романија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Косово. Целта е јакнење на политичката и безбедносната соработка, интензивирањето на соработката на државите во областа на економијата, демократијата, судството, човековите права и борбата против илегалните активности.