Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и Претседател на партиската комисија за администрација Невенка Стаменковска во интервју за Makpress.mk дава свое видување за состојбата во јавната администрација во Република Македонија, по превземањето на власта од страна на СДСМ.
Според неа, во голем број на јавни и државни институции постои политички мобинг врз вработените, голем број на административци си заминале по разни основи, додека речиси во ниту една институција на централно и на локално ниво, па дури и во здравствениот сектор, каде што има нужна потреба од специјализиран кадар, договорите за работа не им се продолжени. Покрај ова, Стаменковска нагласува дека опозицијата не е вклучена во ниту една реформа поврзана со јавната администрација а со измените на Законот за административни службеници кои беа усвоени од страна на Собранието целосно се нарушува „мерит“ системот, кој од нас го бара Европската унија.
1. Во јавноста изнесовте податоци во врска отпуштања во јавната администрација. Со какви информации располагате? Имате ли евиденција колку луѓе се отпуштени и од кои институции?
Нашите информации се дека свесно е испуштена годишната флуктоација за да не се види колкав е бројот на вработени за овие месеци колку што е СДСМ на власт. Со едноставни пресметки може да се утврди дека СДСМ има вработено 13.000 лица, додека 10.000 лица го напуштиле работното место по разни основи. Можам да напоменам дека 1300 кои беа дел од раководната структура во разни институции во времето на ВМРО-ДПМНЕ беа заменети со нови лица од страна на СДСМ за само неколку недели. На 1000 лица кои беа во делот на образованието им беа прекинати договорите, голем дел во здравствениот сектор, во многу јавни претпријатија но има и лица кои секојдневно остануваат без работа.
2. Вие сте дел од Собранието на Република Македонија. Што содржеа измените на Законот за административни службеници кои беа усвоени во парламентот без ваше присуство како политичка партија? Беа ли во насока на спроведување на реформи и подобрување во јавната администрација?
Промената на законот за административни службеници е направено со една цел, а тоа е полесно вработување на некомпетентните партиски кадри на СДСМ. Со тоа ќе се поедностави постапката за селекција, унапредување и оценување на административните службеници како и тоа дека ќе може државен службеник да биде унапреден за неколку позиции а паралелно друг службеник да биде уназаден за неколку позиции.
3. Вклучени ли сте како опозиција во новите законски измени, стратегии и анализи кои се подготувваат од страна на МИОА, а за кои во јавноста се шпекулира дека се работи за чистка во администрацијата?
Не, како опозиција досега не сме информирани за ниедна реформа, ако може да се нарече реформа која ја спрема МИОА. Она што го имаме како информација е дека во одредени министерства повикувани се вработените да одговараат на прашалници за самоевалуација. Прашалниците се со прашања од типот наброј тројца вработени без кои институцијата може да опстане. Ова е еден вид класично спремање на листи за бркање на лица од институциите. Друг пример е каде лицата се праќаат од едно на друго работно место во една институција, некои и по 100-тина километри од претходното работно место, со образложение дека таму се повеќе потребни, иако тоа не е во согласност со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.
4. Како ја оценувате изјавата на премиерот Заев во врска со администрацијата и замрзнувањето на платите?
Премиерот Зоран Заев пред неколку дена кажа дека имаме неспособна администрација и администрација кој е „клати врата, земај плата“. Сметам дека тоа е лоша перцепција и генерализација за администрацијата во Република Македонија. Ако администрацијата беше неспособна, немаше да донесе безусловна препорака како што власта кажува. Дел од сегашните министри и директори се далеку понеквалитетни од било кое лице во сегашната администрација. Јавната и државната администрација е столбот на оваа држава. Тука единствено можам да направам дистинкција од ново вработените бидејќи за нив критериум е или да бил дел од шарената револуција или да е добар партиски послушник. По однос на платите, се ветуваше минимална плата од 30 илјади денари, ако е како што тие ветуваа зборот е збор, редно е ова ветување да се оствари.
5. Ваш коментар за делот од извештајот на ЕК посветен на јавната администрација.
Извештајот на ЕК е во насока на забелешките кои ние како опозиција на повеќе наврати сме ги повториле. Нивната прва забелешка е во однос на Законот за административните службеници од 2015 година за кој напоменуваат дека не се применува систематски со цел да се осигура вработување и унапредување врз основа на заслуги на државните службеници. Измените пак на овој закон воведуваат „брза“ можност административниот службеник рапидно да се унапреди и да се придвижи неколку степени на кариера наеднаш, што може да биде проблематично во смисла на зголемена субјективност и недостаток на транспарентност. Во Извештајот се напоменува дека нема критериуми за именување на високи раководни позиции, дека има голем број отпуштања и именувања нови раководители по парламентарните и локалните избори. Основите за отпуштање се нетранспарентни и без основа. Понатаму се вели дека именувањето на високи раководни позиции е направено без отворен конкурс. Забелешките се присутни и во голема мера се зголемени за разлика од голем број на други извештаи. Ф.И / Б.Г