Воспоставување фер трговска пракса, регистрирање традиционални земјоделски производи и справување со вишокот храна, беа темите на денешниот регионален собир во Загреб на кој учествува и министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Љупчо Николовски.

Собирот на министрите за земјоделство од земјите на Западен Балкано го организира хртватскиот министер Томислав Толушиќ.

- Македонија има конструктивен пристап во примената на одредбите од ЦЕФТА договорот. Ова има за цел да обезбеди слободно движење на стоки и особено на земјоделски производи во рамки на трговската зона ЦЕФТА, со примена на сите обврски кои произлегуваат од договорот и практиките кои се познати во ЕУ, рече Николовски.

Според него, македонското Министерство за земјоделство ќе ги применува и воведува проевропските политики и практики во справувањето со сите отворени прашања меѓу земјите од регионот, вклучувајќи го и усогласувањето со Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на ЕУ. Министерството, додаде, цели и кон целосно почитување на фитосанитарните и ветеринарните стандарди и поддржува законски решенија за регулирање и редуцирање на отпадот на храна.

- Вишокот и отпадот на храна е сериозен проблем за сите држави во Европа, а соодветните законски решенија и регионални соработки во овој правец директно ќе влијаат врз регулирање и редуцирање на отпадот на храна што ќе има позитивен ефект врз нашата економија, благосостојба и животна средина, потенцира министерот.

Во врска со заштитата на традиционалните земјоделски производи , дополни, се подготвува примена на директиви за заштита на македонските производи и традиционалните специјалитети.