Брисел, 25 април 2018
Многу малку е позната работата на европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) во јавноста, а уште помалку дека објавувате и извештај за Западниот Балкан. Можете ли да ни кажете повеќе за главните пораки од овој ваш извештај?
- Се согласувам дека извештајот на ЕЕСК за економската и социјалната кохезија на Западниот Балкан можеби не е познат колку што треба да биде. Делумно е тоа затоа што беше усвоен на пленарна седница на ЕЕСК дури во четврток 19-ти април и немаше време да се прошири во јавноста и државите и владите на Западниот Балкан со него за да се запознаат. Истовремено, треба да се нагласи дека додека се правеше извештајот имаше исклучително голем интерес од страна на невладините организации и социјалните партнери кои професионално се занимаваат со европските интеграции на Западниот Балкан. Тоа најдобро можеше да се види за време на двете јавни расправи кои ги организираше ЕЕСК за потребите на извештајот.
Извештајот како таков не се однесува на секоја земја од Западниот Балкан поединечно. Тоа е затоа што бевме ограничени во должината, а секоја земја има специфична ситуација, но без оглед на тоа, можеме да најдеме некои заеднички точки во процесот во тоа подрачје. Она што ЕЕСК посебно го нагласува е фактот што е уверен дека процесот на проширување на ЕУ, посебно ширењето на нејзините демократски вредности и правни стандарди во регионот е во интерес и на Западниот Балкан и на ЕУ. Политиката на проширување е една од клучните состојки на глобалната стратегија на ЕУ и воедно темел на европската стабилност и добробит. Така што ЕЕСК предлага интеграцијата на земјите од Западниот Балкан да биде еден од главните приоритети на ЕУ во иднината, под услов земјите да продолжат да ги исполнуваат условите за членство во ЕУ.
ЕЕСК е уверен дека со проширувањето на ЕУ и ширењето на нејзините вредности се зајакнуваат безбедноста и стабилност, се зајакнуваат социјалниот и економскиот развој и добробит, се зацврстува демократијата и владеењето на правото, се олеснува слободното движење на луѓето и добрата и се засилува мобилноста.
ЕЕСК посебно нагласува дека образованието и слободните и независни медиуми имаат особено важна улога во унапредувањето на демократските вредности, а исто така ја поттикнуваме Европската Комисија да ги вклучи почитувањето на правата на малцинствата и родовата рамноравност меѓу главните приоритети во преговорите и пристапувањето во ЕУ.
Поради се поголемиот евроскептицизам ЕУ би требала да изработи посебен план за преговори со земјите од Западниот Балкан, кој би содржел прецизна временска рамка и конкретни обврски за секоја земја од Западниот Балкан. Исто така, треба да се смисли комуникациска стратегија за земјите членки на ЕУ, со која ќе се истакне користа, која ја носи политиката на проширување, посебно кога станува збор за обезбедување мир, стабилност, просперитет, како и економски и социјален развој.
Ќе има еден вид „предсамит“ на вашиот комитет во Софија на 15-ти мај, пред големиот самит на земјите од регионот со земјите членки на ЕУ. Можете ли да објасните за што ќе стане збор?
- Се работи за конференција на граѓанското општество на Западниот Балкан на 15-ти мај во Софија. ЕЕСК ја презема обврската пред секој самит на организира заеднички настан со претставниците на граѓанските организации од Западен Балкан и од ЕУ. Овие “предсамити“ се исклучително важни. Станува збор за самит на кој покрај претставниците на ЕЕСК учествуваат и претставници на невладините организациии и социјалните партнери од регионот. На тој начин може да се слушне гласот на граѓанското општество. Намерата е на 15-ти мај да се усвои декларација со која политичарите ќе се запознаат со она што го очекува цивилното општество од европските интеграции и на кој начин треба да се одвива овој процес. Не смееме да заборавиме дека проширувањето е во одредена мера и политички проект, а станува збор за проект кој треба да им е од корист на сите. Затоа е исклучително важно да се слушне „човечкиот глас“.
Како ги оценувате извештаите за напредок на Европската Комисија?
- Секако најважната порака е дека ЕК го поддржува проширувањето кон земјите од регионот. Лично сум уверен дека таква препорака можеше да дојде порано, но.... знаете како велат “подобро сега отколку никогаш“. Но, треба да се напомене дека ЕК во многу кратко време под претседателството на Бугарија го промени своето мислење. Веќе пред една година можеа да се слушнат не многу оптимистички изјави околу проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан. Тоа беше многу лош сигнал и за препотребните реформи во регионот, а и лош сигнал за очекувањата на обичните луѓе во регионот. Имам очекувања за подобар живот внатре во ЕУ, со намалена корупција, квалитетна социјална заштита, поголеми можности за вработување. Посебно се големи миграциите на младите луѓе од регионот во потрага за подобар живот. Дали во ЕУ или Австралија, Америка.... Така што се надевам дека последната препорака на ЕК ќе има позитивно влијание на тој дел, и дека ќе се зголеми угледот на институциите на ЕУ кај луѓето од Западниот Балкан. За време на кризата и поради нејасните сигнали очекувањата на луѓето од регионот беа се помали.
Што очекувате од самитот на лидерите во Софија?
- Во секој случај ЕЕСК го поздравува состанокот. Во тој контекст ги повикуваме институциите и државите членки на ЕУ редовно да ги вклучува шефовите на држави и влади на земјите од Западниот Балкан во самитите на ЕУ како доказ дека ЕУ го смета тој регион како дел од својата иднина.
Се надеваме дека на овој самит во Софија ќе се потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и дека следното претседателство (нз: Австрија) ќе истакне дека интеграцијата на земјите од регионот останува меѓу нивните главни приоритети. Западниот Балкан како приоритет на политиката на проширување и на надворешната политика не смее да згасне со бугарското претседателство.
Потоа ги повикуваме шефовите на држави и влади јасно да се обврзат дека ќе пружаат доследна и директна поддршка за организациите од граѓанското општество на секое ниво. Треба и да се истакне понепосредна јавна поддршка за независните медиуми. Исто така очекуваме од лидерите да преземат проактивна улога во решавањето на билатераните спорови преку промовирање таргетирана соработка со ОБСЕ и Советот на Европа како и поддршка за граѓанското општество во решавањето на тие спорови.
Секако дека ги поддржуваме препораките за старт на преговори со Албанија и Македонија. Но, треба да се нагласи дека од препораката до почетокот на преговорите има уште далечен пат. За тоа одлучуваат самите земји членки. А, во ЕУ, за жал, има држави кои не се наклонети кон проширувањето, односно имаат одредени прашања. Затоа е многу важна комуникациската стратегија внатре во ЕУ за која говорев претходно, Во секој случај најголемиот дел зависи од земјите кандидатки и како ќе ги исполнат условите. Лично сметам дека е многу важно во јуни оваа година да има позитивна одлука за проширувањето.
Ситуацијата со синдикалните организации во Македонија, а претпоставувам и во целиот регион, е прилично катастрофална. Како синдикалец и член на ЕЕСК како ја објаснувате оваа ситуација и кои решенија треба да се применат?
- Ситуацијата со синдикатите во регионот е слична. Еден од поголемите проблеми е што бројот на членови на синдикатите од година в година се намалува. Има некои исклучоци но општо земено бројот на членови на синдикатите се намалува. А сето тоа се одразува и врз моќта на синдикатите, нивната моќ реално паѓа. Не само во регионот. Слична е ситуацијата и во други земји во Европа, па и во ЕУ. Генерално важи непишаното правило дека социјалниот дијалог функционира ако социјалните партнери се силни. Ако синдикатот како социјален партнер ја нема онаа своја правна силна, своја моќ на делување, тогаш не го сфаќаат сериозно како социјален партнер. Бидејќи обично политичарите и работодавците се плашат од демонстрации, од штрајкови... од “улица“. Така што тука можеби решението е на кој начин да стане ефикасна работата на синдикатите. Од една страна да се зголеми бројот на членови (тука треба да се размислува и за обединување на синдикалните централи на национално ниво), а од друга страна треба да се слушне гласот на работниците. Синдикатот произлегува од претпријатијата, тука е неговиот извор и тука треба да се бара решението.
Разговори зад зелена маса се потребни меѓутоа ако синдикатот не е способен да организира штрајк или поголема демонстрација, тогаш синдикат нема. И работниците почнуваат сами да се организираат. А тоа е за синдикат најлоша ситуација. Довербата во работата на синдикатот паѓа поради пасивноста на синдикатот, а не поради политичарите или општествената клима.
Слична е ситуацијата и кај работодавците. Можеби кај нив, за разлика од синдикатите, не е толку важен бројот на членови (бројот на компании вклучени во работодавачка организација), но е многу важно кои компании им се членови. Ако се големи претпријатија, со голем број вработени и кои поголемиот дел од своето производство го продаваат во странство, тогаш таа е посилна од онаа со помалку претпријатија.
Еден од трендовите кои ги гледаме во регионот се обидите странските стопански комори да добиваат поголемо влијание врз економската политика на државата. Само по себе тоа не е голем проблем но станува опасно кога странската комора сака да биде учесник во социјалниот дијалог на национално ниво или дури и социјален партнер. Понекогаш имам чувство дека ефикасен социјален дијалог не е во интерес на политиката и политичарите. Како поинаку да го разбереме фактот дека огромен број реформски закони не се на дневен ред на економско-социјалните совети? Така што и политичарите си носат дел од одговорноста...
Која е улогата на ЕУ? Како да го зајакне социјалниот дијалог во регионот?
- Социјалниот дијалог, неговата ефикасност, се пред се национални прашања. Така што ЕУ не може многу да направи во тој поглед. Она што ЕЕСК во своето мислење го препорача е ефикасниот социјален дијалог да биде еден дел од критериумите што треба да се исполнат за влез во ЕУ. Истото важи и за граѓанскиот дијалог. Кога ЕК би прифатила таков предлог, тоа би бил голем чекор напред. Но вистинската работа треба да се направи на национално ниво. Ниту ЕУ сама по себе, ниту членството во неа нема да ги реши проблемите на национално ниво. Тоа е работа на политика, социјалните партнери и општеството генерално.
Македонија има сега социјал-демократска влада чија декларирана цел, меѓу другото, е подобрувањето на социо-економската клима во земјата. Што и препорачувате?
- Реформските закони во прв ред да се прават во рамки на социјалниот и граѓанскиот дијалог со учество на социјалните партнери и невладините организации. А треба да се знае и дека економскиот раст сам по себе не носи подобра социјална слика. На социјалната стабилност треба да се работи и да се има предвид човекот, бидејќи реформските закони и реформите како такви не се прават за меѓународната заедница или меѓународните институции. Реформите треба да им служат на луѓето, да се подобри нивната социјална состојба. Затоа би требало секој закон да има посебно поглавје како и на кој начин ќе влијае врз социјалната положба на луѓето.
Тања Милевска