Заложбите за јакнење на билатералната соработка меѓу Македонија и Франција, парламентарната димензија како значајна нишка во приближувањето на двете земји и француската поддршка во процесот на европската и евроатланската интеграција на нашата земја беа темите на денешната средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров со претседателот на Групата за пријателство со Македонија во француското собрание Бернард Сор и потпретседателот Грегори Галбадон.
Димитров брифираше за реализираната реформска агенда која се рефлектираше во позитивниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија и препораката за отпочнување на пристапните преговори.
Во овој контекст, беа образложени и активностите за унапредување на односите со соседите со посебен акцент за изнаоѓање прифатливо решение во надминување на билатералниот спор со соседна Грција.
- Имаме одличен извештај од ЕК, во кој Република Македонија е земја со голем прогрес во однос на претходниот извештај. Следните два месеци за нас се исклучително важни, рече Димитров.
Нагласи дека на земјава и е потребна поддршката на Франција за почнувањето на европското патување.
- Тоа е долго патување и секоја поддршка, а особено од земја како Франција е само мотив плус за приближување кон европското семејство, кое е наша цел, рече тој.
Со амбасадорот Тимоние, додаде шефот на дипломатијата, заедно работиме на поголемо присуство на француски компании во Македонија.
- Покрај политичките, парламентарните односи, многу е важно да има што повеќе иницијативи и интереси меѓу двете земји, додаде Димитров.
Пратениците од Франција ја поздравија одлуката за назначување на амбасадор на РМ во Франција, што претставува причина за зголемена соработка и охрабрување за остварувањето на сите иницијативи кои се од заемен интерес.