Проширување на соработката преку потпишување Меморандум за соработка во областите на локалната самоуправа, регионалниот развој и прекуграничната соработка. За ова денеска во Софија разговарале министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и неговиот бугарски колега, министерот за регионален развој и јавни работи Николај Нанков.

На работниот состанок, како што соопшти Министерството за локална самоуправа, Фазлиу и Нанков истакнале дека двете министерства веќе соработуваат во рамки на имплементацијата на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Министерот Фазлиу нагласил дека програмата за прекугранична соработка со Бугарија е најуспешна затоа што во првата фаза во целост се реализирани одобрените средства од Европската унија, а тоа се очекува и од објавениот јавен повик за проекти, кој е отворен до 11 мај.

- Република Македонија длабоко ја цени поддршката на Република Бугарија во напорите на земјата за членство во Европската унија и во НАТО, особено сега кога Бугарија ја има позицијата на претседавач со Советот на Европската унија, посочил Фазлиу.

Министерот Нанков, како што се наведува во соопштението, истакнал дека Македонија има брз напредок во исполнување на реформите и оти тие стојат на располагање.

- Нашиот институционален модел за спроведување на политиките во областите на локалната самоуправа, регионалниот развој и прекуграничната соработка е добар и ви стоиме на располагање да ви ги пренесеме нашите добри пракси, изјавил Нанков.

Фазлиу и Нанков изразиле подготвеност Меморандумот за соработка меѓу двете министерства да се потпише до крајот на јуни во Скопје.