Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи оствари средба со Фиона Мекилвам, директорката за Западен Балкан во британскиот Форин Офис, на која изразил високи очекувања од претстојниот Самит за ЗБ во Лондон во рамки на Берлинскиот процес.
Како што соопшти СЕП, Османи на средбата изрази благодарност за поддршка од страна на Велика Британија во однос на важноста од продолжување на процесот на проширување на ЕУ, и покрај нивното напуштање на Унијата, како гарант за безбедноста, стабилноста, демократијата и владеењето на правото во Европа како целина, и го поздрави нивниот јавно изразен став дека Македонија треба што поскоро да ги започне преговорите за членство во ЕУ.
- Во оваа насока Османи изрази надеж дека досегашната поддршка од страна на Велика Британија за членството на Македонија во НАТО ќе продолжи и во иднина, процес кој е во насока и на зајакнување на регионалната стабилност и безбедност, се посочува во соопштението.
Во текот на разговорот, Османи, се додава, се осврна и на позитивниот Извештај на ЕК за состојбите и напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, кој покажа дека Република Македонија успешно ги адресира итните приоритети, дека е надмината политичката криза, и дека земјата е вратена на нормалниот демократски колосек. Тоа, нагласил Османи, заедно со чистата препорака за почеток на преговорите, претставува поттик за државава да остане фокусирана на реформите и посветена на евроатлантската агенда.
- Берлинскиот процес претставува една од најважните компоненти за поврзување на земјите од Западниот Балкан, што, пак создава солидна основа за унапредување на регионалната соработка, истакна Османи.
Посочи и на високите очекувања од претстојниот Самит за Западен Балкан во Лондон, за време на австриското претседателство, при што нагласи дека очекува тој да придонесе за унапредување на процесот на проширување до крајот на 2018 година, но и да биде потврда за посветеноста во исполнувањето на реформите во земјите од Западен Балкан, стои во соопштението.