Заменик министерот за одбрана Беким Максути денеска се обрати на отворањето на НАТО-студентската симулација посветена на Македонија пред самитот на НАТО во Брисел, организирана од Евроатлантскиот совет на Македонија.
Максути посочи дека изминатите неколку години Македонија се соочи со забавен евроинтеграциски процес и длабока политичка криза, но и дека земјата со изборот на Владата ја надмина оваа криза и дека во овој момент од круцијална важност е поддршката од НАТО – сојузниците за остварување на стратешките цели – членство во Алијансата и во Европската унија.
- Во изминатата неполна година докажавме дека интеграцијата во НАТО и ЕУ е најважен приоритет на надворешната политика. Владата и Министерството за одбрана се цврсто посветени на исполнувањето на стратешката цел и работиме со голема решеност за спроведување на реформските процеси, промовирање на добрососедските односи и регионална соработка, демонстрирајќи ја својата одговорност кон сопствениот народ но и кон меѓународната заедница, рече Максути.
За одбранбените реформи, нагласи дека со нивното спроведување ќе се зајакне стабилноста и безбедноста на државата и регионот, како основен предуслов за развој.
- Го рестартиравме процесот на изработка на Стратегиски одбранбен преглед и Стратегијата за одбрана. Донесовме одлука за сукцесивно зголемување на буџетот за одбрана со стапка од 0,2 процентни поени, почнувајќи од 2019 година и цврсто сме определени да го постигнеме нивото на издвојување од два отсто од националниот БДП за одбранбениот буџет што е во согласност со одлуките на НАТО самитот во Велс. Не ги занемаруваме потребите за унапредување на условите за работа, за што од почетокот на годината и ги зголемивме платите на воениот персонал во АРМ за 10 отсто, истакна Максути.
Тој се осврна и на придонесот на Армијата на Република Македонија во меѓународните мировни мисии.
- Како земја која се гледа како членка на Алијансата, од 1 јануари 2018 година го зголемивме придонесот во мисијата Одлучна поддршка за 20 отсто, но не застануваме тука туку ќе продолжиме да ја проценуваме секоја можност за дополнително ангажирање, рече тој.
На отварањето свои обраќања имаа и претседателот на АТА Македонија, Исмет Рамадани, хрватската амбасадорка Данијела Баришиќ, координаторот за НАТО, Стево Пендаровски и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, морнаричкиот капетан Горазд Бартол.