Можностите за соработка и промоција во делот на здравствена заштита меѓу двете земји биле тема на разговор на средбата на министерот за здравство Венко Филипче со Уран Исмаили, министер за здравство на Република Косово.
Како што соопштија од Министерството за здравство, министерот Исмаили изразил голема благодарност за средбата и можноста за соработка во делот на здравството, посебно за начинот на кој функционира „Мој термин“ во земјава, цената на лековите и можноста за едукација на кадри.
Министерот Филипче, пак, изразил голема поддршка и најавил блиска соработка со Министерството за здравство на Република Косово.
- Исто така беше истакнато и дека заедничката соработка меѓу двете земји ќе биде и голем сигнал за Европската Унија која ќе го гледа напредокот во градењето на мостови и одлични билатерални односи меѓу двете земји, стои во соопштението.
Официјалната средба продолжила со посета на универзитетските клиники за онкологија и радиотерапија, за неврохирургија и Универзитетска клиника за детски болести. Министерот Исмаили и косовската делегација, која ја предводеше, имаше прилика одблиску да го види функционирањето и организираноста на македонскиот здравствен систем.
На средбата министерот за здравство Филипче бил придружуван од заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски, државниот секретар Владимир Милошев, директорите на ФЗОМ Ден Дончев и Орхан Рамадани.
Денешната посета се смета за добар старт за соработка меѓу двете министерства за здравство кое ќе продолжи и во иднина, соопштија од Министерството за здравство.