Ако ЕУ не ни ја обезбеди иднината, тогаш ние ќе се занимаваме со минатото, рече претседателот Ѓорге Иванов на прес-конференцијата по состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони.
Оценувајќи дека врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската Унија, Иванов рече дека долго време политиката на проширувањето потфрлуваше во случајот со Република Македонија не поради принципите и критериумите на Унијата, туку поради непочитувањето на тие принципи и критериуми од страна на една земја членка.
- Како Претседател на Република Македонија ја повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција, изјави Иванов.