Кога Северна и Јужна Кореја успаја да се договорат, откако денеска лидерите на двете земји се согласија дека заеднича цел ќе им биде целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и прогласување службен крај на Корејската војна, земјите од регионот со сигурност ќе можат да ги решат меѓусебните несогласувања, порачаа денеска учесниците на состанокот на земјите од Процесот Брдо - Бриони во Скопје.
Бугарскиот премиер Борисов изрази надеж дека Македонија и Грција брзо ќе го решат спорот околу името.
- За тоа сега постои историска можност. Во иднината 60 години отсега историчарите ќе го оценуваат овој момент и ќе ги запишат нашите имиња, порача Борисов.
И тој направи паралела со Северна и Јужна Кореја, напоменувајќи дека кога овие две држави успеале да постигнат договор, земјите од регионот сигурно ќе можат да ги надминат разликите.
- Имаме историска шанса да ги придвижиме земјите кон ЕУ. Денеска е решен проблемот меѓу двете Кореи, зошто ние да не можеме да ги решиме нашите балкански проблеми. Навистина се надевам дека лидерите ќе разберат што не очекува на самитот во Софија. Крајно време е да и покажеме на ЕУ дека ние сами можеме да си ги решаваме нашите отворени прашања, додаде Борисов.
На денешниот состанок на Процесот Брдо-Бриони учествуваа македонскиот претседател Иванов, како домаќин и претседателите на Хрватска и на Словенија, Колинда Грабар Ќитаровиќ и Борут Пахор, како претставници на земјите иницијатори на овој процес.
Присуствуваат и претседателите на Србија Александар Вучиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Илир Мета, на Косово Хашим Тачи, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ. Специјални гости на состанокот во Скопје се претседателот на Европскиот совет Туск и премиерот на Бугарија Борисов.
Лидерите во заклучоците меѓудругото ги поздравија пораките и конкретните предлози од Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан и потврдата за веродостојно проширување и зајакнување на ангажамнот на ЕУ со регионот.
Особено го поздравија претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Софија, како конкретен израз на обновениот пристап на ЕУ кон регионот.
Нагласија дека е потребна поголема синергија во регионалните иницијативи и механизми во однос на градењето на инклузивен регион.
- Го охрабруваме решавањето на отворените прашања и спорови во духот на добрососедство и во согласност со меѓународното право, повикувајќи се на средствата за мирно решавање, пред се, на постојаните меѓународни судови и трибунали и арбитражата, порачаа лидерите.
Тие се согласија Албанија следната година да биде домаќин на состанокот на лидерите на Процесот.