Хрватската претседателка ја поздрави одлуката со која се препорачува почеток на преговори со Македонија и со Албанија.
- Хрватска од своја страна ќе стори се што е можно да се забрза овој процес за Македонија и Албанија. Хрватска силно ја поддржува политиката на проширување, која е засновна врз принципот на сопствени заслуги, кој е втемелен на строги правила и вреднување, рече таа.
Посочи дека за напредокот во процесот на проширувањето најважни се резултатите во подрачјето на владењето на правото, реформите во правосудството, борбата против коупцијата и организианиот криминал, безбедноста, како и јакнењето на регионалната соработка.
На денешниот состанок на Процесот Брдо-Бриони учествуваа македонскиот претседател Иванов, како домаќин и претседателите на Хрватска и на Словенија, Колинда Грабар Ќитаровиќ и Борут Пахор, како претставници на земјите иницијатори на овој процес.
Присуствуваат и претседателите на Србија Александар Вучиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Илир Мета, на Косово Хашим Тачи, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ. Специјални гости на состанокот во Скопје се претседателот на Европскиот совет Туск и премиерот на Бугарија Борисов.
Лидерите во заклучоците меѓудругото ги поздравија пораките и конкретните предлози од Стратегијата на ЕУ за Западен Балан и потврдата за веродостојно проширување и зајакнување на ангажамнот на ЕУ со регионот.
Особено го поздравија претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Софија, како конкретен израз на обновениот пристап на ЕУ кон регионот.
Нагласија дека е потребна поголема синергија во регионалните иницијативи и механизми во однос на градењето на инклузивен регион.
- Го охрабруваме решавањето на отворените прашања и спорови во духот на добрососедство и во согласност со меѓународното право, повикувајќи се на средствата за мирно решавање, пред се, на постојаните меѓународни судови и трибунали и арбитражата, порачаа лидерите.
Тие се согласија Албанија следната година да биде домаќин на состанокот на лидерите на Процесот.