Словенечкиот претседател Пахор рече дека одлуката на ЕК повторно да ги поддржи реформите во ЈИЕ со цел еднаш за секогаш државите од регионот да станат дел од Унијата е од големо значење.

- Врз основа на моите политички искуства јасно е дека Брисел не може да направи се доколку тоа не го направат и лидерите на државите. Убеден сум дека со добра политичка волја може да се решат сите проблеми и на иднината гледам со оптимизам, рече Пахор.

На денешниот состанок на Процесот Брдо-Бриони учествуваа македонскиот претседател Иванов, како домаќин и претседателите на Хрватска и на Словенија, Колинда Грабар Ќитаровиќ и Борут Пахор, како претставници на земјите иницијатори на овој процес.

Присуствуваат и претседателите на Србија Александар Вучиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Илир Мета, на Косово Хашим Тачи, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ. Специјални гости на состанокот во Скопје се претседателот на Европскиот совет Туск и премиерот на Бугарија Борисов.

Лидерите во заклучоците меѓудругото ги поздравија пораките и конкретните предлози од Стратегијата на ЕУ за Западен Балан и потврдата за веродостојно проширување и зајакнување на ангажамнот на ЕУ со регионот.

Особено го поздравија претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Софија, како конкретен израз на обновениот пристап на ЕУ кон регионот.

Нагласија дека е потребна поголема синергија во регионалните иницијативи и механизми во однос на градењето на инклузивен регион.

- Го охрабруваме решавањето на отворените прашања и спорови во духот на добрососедство и во согласност со меѓународното право, повикувајќи се на средствата за мирно решавање, пред се, на постојаните меѓународни судови и трибунали и арбитражата, порачаа лидерите.

Тие се согласија Албанија следната година да биде домаќин на состанокот на лидерите на Процесот.