Масакр кај Вејце — најкрвав и најбрутален масакр во поновата историја на Република Македонија. Масакрот се случи на 28 април 2001 година во 17:45 часот откако од заседа и ѕверски беа убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Покрај осуммина убиени, имаше и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за невидениот масакр.
Иако нападнати од заседа и во безизлезна правлива кривина, на планинскиот пат помеѓу селата Селце и Вејце - тетовско, војниците и полицајците даваа получасовен отпор, бранејќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Вејце од 2001 останува во колективната меморија на Македонците како место на беспримерно злосторство, симбол на можеби најстрашното од мноштвото предавства со кои е исполнета македонската историја, најголем пораз на државните институции од група терористи и бандити, зашто до денес не се оформи, а камоли да се заокружи некаква судска разврска и некој да биде земен на одговорност.
Биланс од крвавиот пир на терористите
Роберт Петковски - Баталјон за специјални намени „Волци“ - Беспомошното и мртво тело на Роберт со нож е бодено по нозете и гениталните органи. Смртта кај Роберт настанала како резултат на тешките раскинувања на левата мозочна хемисфера кои настанале под дејство на проектил исфрлен од огнострелно оружје од близина. Покрај во пределот на главата и десната рака, со проектили е погоден во десната и левата потколеница, кога Роберт излегувал од „хамерот“ и бил во исправена положба. (На сликата е прв од лева страна)
Бобан Трајковски - Баталјон за специјални намени „Волци“ - Смртта кај Бобан настанала како резултат на хеморалгичен шок поради огнострелен канал на срцето и загуба на поголемо количество крв. При обдукцијата на телото на Бобан се констатирани три убодни рани на десната страна од градниот кош, една прободна рана во пределот на подлактницата, една прострелна повреда во градниот кош, една прострелна рана на десната надлактница, како и нагмечување на главата со кундак.
Миле Јаневски - Баталјон за специјални намени „Волци“ - На Миле исто така, со кундак од пушка му е згмечена, разнесена главата, а низ телото има осум канални повреди предизвикани од огнострелно оружје и вртлежи од „кинески“ нож. Смртта кај Миле настанува насилно со нагмечување на мозокот поради дејство на потврда динамична сила со кундак од пушка во пределот на челната регија. На неговото тело се пронајдени и осум канални повреди, предизвикани од огнострелно оружјеи со нож претходно бил онеспособен за полесно да биде масакриран.
Игор Костески - Баталјон за специјални намени „Волци“ - Причината за смртта на Игор е насилна и настанала како резултат на нагмечување на мозочното стебло предизвикано од огнострелна повреда во челото каде што му е пукано од пиштол, додека давал знаци на живот, од непосредна близина. Ако загинал зад воланот додека маневрирал со „хамерот“, загадочна е раната и големата расеченица на левото стапало, и отсечените три прсти на десната рака. Рачниот часовник застанат беше во 18:12 часот. Дали запрел од компресија и експлозија или сам го стопирал Игор, со што сакал да ни соопшти дека во тој миг животот му престанал. Терористите ги понесле прстите со себе како трофеи за да ја наплатат завршената задача.
Марјан Божиновски-МВР - Иако Марјан се здобил со повеќе огнострелни рани, додека давал знаци на живот, бил запален од терористите, при што неговото тело е целосно јагленосано од изгореници од четврти степен, со одвоени долни екстремитети.
Кире Костадиновски - МВР - Смртта кај Кире настанала како резултат на развивање на тешко шокова состојба предизвикана од дејствување на проектили во пределот на градниот кош и стомакот, како и поради изгореници и труење од јаглероден моноксид, што му е пронајден во белите дробови, од што се извлекува заклучок дека бил запален додека се уште давал знаци на живот.
Бошко Најдовски - МВР - Бошко додека бил тешко ранет, од близина му е пукано во неговото чело, за да потоа биде запален и целосно изгорен.
Илче Стојановски - МВР - Смртта на Илче настанала како резултат на здобиените прострелни рани во пределот на главата и стомакот. Со кундак од пушка му е разнесена брадата а со нож му се нанесени рани на рацете и нозете. Не е докажано дали контузијата на брадата предизвикана со удари од кундак на пушка и горењето на долните екстремитети, терористите го извршиле додека бил се уште жив или мртов. Телото од целосно изгорување го спасиле првите „тигри” што пристигнале на местото на масакрот.
Треба да се спомне дека тројцата полицајци од Битола биле поставени еден до друг до нивната „лада нива“, со главите свртени кон „хамерот“ и запалени. Останува енигма, зошто се запалени само загинатите полицајци, а не и „волците“ и на кого му е испратена таквата порака. Нелогичност има и ако се анализираат снимките од целосно изгорените први две возила од патролата. Ако биле погодени во прв момент со тромблонски мини, тие целосно би биле разнесени и изгорени, заедно со бранителите во нив. Според начинот на извршување на масакрот, кој траел десетина минути, предизвиканите рани можеле да го направат добро обучени специјалци и ладнокрвни убијци. Но, бидејќи раководството на ОНА никогаш не обелодени дека во својата формациска воена структура има специјална единица, тогаш со право се наметнува прашањето, кој го изврши масакрот, по чија наредба и со каква цел.