На 28 април 2001 година, комбинираната патрола, составена од 16 припадници на безбедносните сили, и тоа осум од Баталјонот за специјални намени „Волци“ при АРМ и осум од Посебната единица на СВР Битола, во 17 часот тргнала на задача од касарната во Тетово и требало да се врати околу 20 часот. Биле распоредени по четворица во две лади ниви и два хамера. Пред селото Селце, кај чешмата, направиле мала пауза каде се сретнале со претходната патрола, која се враќала од селото Бродец. Во разговорот им сугерирале да се вратат зашто немало потреба да одат во Вејце, но тоа не било прифатено. Дисциплинирано и професионално патролата без проблеми поминала низ селото Селце и по тесен планински правлив пат се упатила кон селото Вејце. Во околу 17:45 часот на патот помеѓу селата Селце и Вејце - тетовско, патролата навлегла во тесна, непрегледна кривина, засечена од двете страни со косини до три метри визочина. Кога првите три возила навлегле во кривината, во вид на потковица, од три страни биле нападнати од терористите. Се пукало од золји, снајпери, бомби, рачни минофрлачи, пиштоли и друго автоматско оружје. Се пукало без престанок од 17:45 до 18:20 часот. Припадниците на безбедносните сили биле изненадени и неподготвени, но сепак почнале да излегуваат од возилата и да даваат отпор, но станале отворени цели, така што многумина веднаш биле смртно погодени.

Со првото возило „хамер“, во кое биле четири припадници на БСН Волци, управувал Миле Јаневски. Откако стивнала канонадата од истрели од страна на терористите, прв од возилото излегол Миле Јаневски, кој иако бил ранет, успеал да залегне под возилото и да дава отпор. На совозачот Бобан Трајковски, само што излегол од возилото, смртно му се нанесени неколку рани. Како резултат на хеморалгичен шок, порадни огнострелан канал на срцето и загубата на поголемо количество крв, Бобан умира. Еден од останатите волци уште во „хамерот“ бил ранет во левата подлактица и градниот кош, со што бил онеспособен да се брани. Излегол од возилото и се упатил назад кон последното возило „лада нива“ каде што биле битолските полицајци, кои не биле на видик на напаѓачите, за да му укажат прва помош. При повлекувањето бил повторно погоден, сега во десната предна страна на градниот кош. Потоа заедно со командирот на патролата се спуштиле по стрмнината и слегле до реката Пена и во 21:15 часот, стигнале во село Селце каде биле прифатени од „волците“. Со санитетско возило бил пренесен во воената болница во Скопје, каде што му се санирани раните. Четвртиот „волк“ од првото возило здобил најтешки повреди во стомакот (две влезни рани и повреди на внатрешните органи). Сепак, тој успеал да излезе од клопката и заедно со преживеаните полицајци, пешки стигнал до село Селце, од каде со санитетско возило бил префрлен во воената болница во Скопје, каде што му се извршени неколку тешки хирурски зафати, со што му е спасен животот.

Уште при првите истрели, тројцата полицајци Марјан Божиновски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, зазеле позиции зад возилото, но, за жал, брзо се здобиле со тешки рани од кои некои се смртоносни. Четвртиот нивни колега Илче Стојановски, успеал да се повлече и да стигне до третото возило „хамер“, каде што заедно со ранетиот „волк“ Игор Костески давале отпор. Преку мобилниот телефон Илче Стојановски се јавил на двапати кај неговиот претпоставен во базата во Тетово и му пренесол дека се нападнати, дека има ранети и загинати и бара да им се испрати итна помош, која за жал, не ја добиле. Еден близок другар на Илче има изјавено:„...му го препознав гласот и му реков на командирот да се вратиме и да им помогнеме.“ Уште еднаш очајнички и беспомошно се јави гласот на Илче преку радиостаница:

„Нема потреба повеќе да ни доаѓате во помош. Сите ќе изгинеме за Македонија...“

И радиостаницата замолкна. Така загинуваат Игор Костески и Илче Стојановски. Третото возило од колоната војничкиот „хамер“ го возел потпоручник, кој наедно бил и командир на патролата. Остануваат дилемите зошто како командир на патрола, наместо во првото се наоѓа во третото возило. Потоа, зашто го земал да го вози „хамерот“ кога Роберт Петковски бил задолжен со возилото, а според кажувањето на неговиот татко Тоде, Роберт повеќе пати му кажувал дека во негово присуство, за жива глава не го давал „хамерот“ да го вози друг. Постариот водник Роберт Петковски, како совозач на „хамерот“, излегол од возилото и на самата врата смртно бил погоден во десното рамо и главата и паднал веднаш мртов. Со куршуми бил погоден и во левата и десната потколеница. Водникот седел зад Роберт и кога почнал нападот, го скршил прозорецот и дејствувал од возилото. Кога ја проценил ситуацијата како безизлезна, го напуштил возилото и се повлекол назад до четвртото возило од колоната кај „лада нива“ кај дугите четворица битолски полицајци. При повлекувањето, во пределот на рбетниот столб бил повреден од шрапнел од бомба, на која полицајците му ставаат газа. Им пренесол на полицајците дека од претходните три возила нема преживеани и затоа им предложил да го напуштат местото без да дејствуваат борбено.

Водникот Игор Костески, од задното седиште, се префрлил на возачкото, кое веќе го напуштил командирот и се обидел со маневрирање на тесниот пат да го донесе „хамерот“ во коса, заштитна позиција, која би служела како заклон за дејствување. Во тие кратки мигови на одлука и размислување, на нишан од терористите и соочен со смртта, тоа што го направил Игор е вистински, професионален, војнички и херојски подвиг. По се изгледа уште на воланот Игор бил изрешетан со седум смртоносни куршуми. Нешто покасно, за да бидат сигурни во неговата смрт, терористите, од непосредна близина, со пиштол му пукаат во чело и во десното стапало. Во четвртото и последно возило „лада нива“ имало четворица полицајци од Битола. Тие не се навлезени во кривината и на видното поле за напад на терористите. Кога го слушнале пукањето, тие без да видат што се случува со претходните возила, се вратиле десетина метри наназад, излегле од возилото, се затскриле, но не дејствувале. Кога до нив дошле двајцата ранети „волци“ кои им кажале дека нема други преживеани, се спуштиле по стрмнината кон реката Пена, при што се здобиле со огреботини по рацете од гранките на шумата. Околу 19:30 часот пристигнале во село Селце, каде што биле прифатени од „волците“ а потоа и пренесени во воената болница во Скопје. И тие преку радио врска и мобилен телефон јавиле на базата околу 18:00 часот дека патролата е нападната и барале помош. Генералштабот на АРМ информацијата дека е нападната патролата ја добива во 18:10 часот, но помош од никаде не добила, ниту со борбени возила, ниту со хелихоптери.

Изгорен војнички хамер кај Вејце

Кога влегла патролата во кривината, која тогаш не беше асфалтирана, морале да ја намалат брзината бидејќи кривината е многу остра. Во моментот кога возилата се движеле право започнал нападот односно заседата врз македонските бранители. Бил отворен оган со автоматско оружје, но воедно биле и испукани неколку проектили од РПГ кои што ги имаат погодено возилата.

Бидејќи оганот при нападот бил вкрстен, од сите страни летале куршуми, најверојатно терористите биле засолнети позади земјиот ѕид покрај патот, но исто така и одозгора е пукано врз патролата. Терористите биле распоредени во форма на потковица, а џиповите и хамерите биле засипани со гранати и куршуми буквално од сите страни.

Сашо Гилевски - Качо е еден од првите кој пристигнуваат на местото каде што се масакрирани телата на неговите другари и соборци.

По оружениот напад кој траел дваесеттина минути, врз мртвите тела е направен грозоморен масакр, а тројца со знаци на живот биле живи запалени. Веднаш по осумкратното убиство, очевидци кои присуствувале на увидот потврдија дека специјалците биле ѕверски касапени и мачени со ножеви, а потоа живи запалени. По убиството, бандата ги масакрирала жртвите, а потоа се повлекла во шарпланинските села и се упатила кон граничниот реон, од каде што пребегнала во Косово. Според сведоштва на очевидец, кој успеал да се спаси од масакрот - во заседата биле неколку десетици луѓе, меѓу кои и луѓе со долги бради и ножеви со кои го завршиле масакрот до крај. Терористите убиле со пукање само една од жртвите, додека другите седум биле сечени на парчиња или биле живи изгорени.

Според очевидецот кој бил ранет со три куршуми и врз кои се извршени три сложени операции, заседата била поставена на добро подготвено место, терористите биле распоредени во форма на потковица па џиповите и хамерите биле засипани со гранати и куршуми буквално од сите страни. Неколкумина од полицајците и војниците што успеале да излезат од возилата, биле покосени и паѓале веднаш крај нив. Тој бил погоден три пати и благодарејќи само на среќата и на оние неколку десетина секунди дури терористите се спуштале кон труповите на македонските бранители, успеал да скокне во провалија и оттаму да се повлече неколку стотина метри подалеку од местото на грозоморниот чин. Кога излегол од провалијата, наишол на средовечен Албанец со мало дете кој нешто работел на една ливада. Му го ставил ножот под грклан, и, благодарејќи на детето, за кое му станало жал, не ги убил на самото место. Само му наредил на Албанецот да го симне до првиот пункт на македонските безбедносни сили. Подолу Албанецот му предложил да ја земе колата, да го скрие во сеното и така да го извлече до Тетово. Се разбира, тоа било само трик за да биде предаден. Иако со тешки рани, кога видел дека Албанецот не се враќа и дека ќе го предаде, ранетиот продолжил надолу, криејќи се низ шумичките. За своја среќа наишол на полициска патрола која се обидувала да им пружи помош на настраданите кај Вејце. Тој ја негира приказната дека некој Албанец наводно го скрил под сеното и го спасил. Сашо Гилевски, припадник на Посебната единица на СВР Битола, е еден од првите кој пристигнуваат на кобното место. Тој масакрот го опишува вака:

„Се движам чекор по чекор во неизвесност дали бранителите се живи, да не се ранети, не знам дали напаѓачите се' уште се таму. И веднаш една од дилемите е пред мене, Илче лежи под возилото, се гледа само до колена. Во ногата имаше голема рана. Се наведнав и почнав да го влечам, кога го свртив на лицето, што да видам, гркланот му беше разнесен, откорнат... Се шокирав. Не знаев каде да ги ставам моите прсти за да видам дали има пулс. Не можев да се воздржам. Свеста ми се заврти, почнав да повраќам.“

И додава:

„Истрчав, ама што да видам: Марјан, Кире и Бошко горат. Малку потаму лежеа мртви и припадниците на „Волците“, тие не беа запалени. Очигледно беше изживувањето врз нив. Беа удирани со кундаци по лицето, на еден мозокот му беше истурен, очите им беа вадени со нож. Беа потурени со газија, мирисот се чувствуваше во воздухот. Бошко и Кире лежеа еден до друг во пламен, а Марјан беше малку понастрана од нив. Гореа како свеќи.

„Знаев дека Кире имаше прстен со црн камен. Марјан го препознав по висината, а Бошко по тоа што беше покрупен. Толку беа јагленисани, што кога ги подигавме на едниот му се откачи ногата. Каде и да ја ставев, раката ми пропаѓаше во месото. Кревајќи ги, сите прсти од рацете ми беа изгорени, ама самиот си ветив дека ќе ги однесам Битола за достојно да бидат погребани. Нема да ги оставам на ѕверовите и дивите животни во планина да ги растргаат.“

Многу докази укажуваа дека терористите биле известени преку радиоврска за движењето на мешаната полициско-војничка патрола. Според полициски извори, само неколку дена по грозоморниот настан, имало обид за уште една заседа во близина на истото место. Меѓутоа, полицијата навреме ја откри заседата и ја разби терористичката група. Полициска радиостаница „моторола“ беше пронајдена на местото, што укажуваше на тоа дека терористите цело време биле во постојан контакт со некои членови од полицијата во Тетово.

Наредниот ден по масакрот, на 29 април 2001 година, по утринското хеликоптерско извидување на теренот, околу 11:50 часот, формирана е увидна екипа во состав: јавниот обвинител од Тетово Борис Милосавлевски, претседателот на Основниот суд Тетово Џемаили Арифи, истражниот судија при Основниот суд Тетово Нехад Исмаили, претставници на АРМ и на крим-техника при МВР Скопје. Во 13:00 часот екипата излегува на терен и почнала со увидот, кој траел до 14:30 часот, при што е констатирана следната состојба. При извршениот увид на местото на настанот се пронајдени четири возила со кои се превезувале припадниците на безбедносните сили, од кои првите две биле целосно изгорени („хамер“ и „лада нива“), а под нив локви од крв. Другите две возила биле оштетени со проектили од огнено оружје, при што „хамерот“ бил целосно изрешетен, а кај воланот се пронајдени локви од крв. „Хамерот“ со маневрирање бил донесен во напречна одбранбена положба во однос на позициите на терористите. Кога стигнале првите припадници на безбедносните сили, го нашле „хамерот“ заглавен во брзина, но ги немале клучевите за вклучување на возилото. Во близината на возилото се пронајдени поголем број чаури од минофрлачки ракети и автоматско оружје, пиштолска муниција, парчиња од експлодирана бомба, изгорени панцири, два шлема, мобилен телефон, многу траги од крв и неколку екстремитети од изгорени делови на човечки тела.

Во две од колибите што се наоѓаа во непосредна близина на патот, во правец кон селото Вејце, пронајдени се проектили од автоматско оружје, рамка од автоматска пушка, ќебиња, двоглед, кујнски прибор и остатоци од храна, што укажува дека терористите претходно престојувале во колибите. Врз основа на овој и на другите извештаи и изјави е поведена постапка за преземање истражни дејства против непознати лица за кривично дело најтешки форми на тероризам. Истражниот судија Нехад Исмаили не ја почнува навреме постапката, со оправдување дека преживеаните се уште се во шок-состојба. Но, за жал, таква постапка не е поведена ни до ден денес, по изминување повеќе од седумнаесет години од масакрот.