Брисел, 1 мај 2018 (МИА)
Вие неодамна објавивте анализа во Центарот за студии на европски политики (ЦЕПС) за последните извештаи на Европската Комисија и нејзината стратегија за проширување. Како го оценувате делот кој се однесува на Македонија?
- Мислам дека оваа стратегија за проширување е одлична вест за Македонија бидејќи ги препознава огромните напори на новата Влада во овие 11 месеци да го надомести изгубеното време и да го подобро негативниот имиџ што го остави претходната влада. Препорака за почеток на преговори е заслужена, но сега големото прашање е што ќе биде следно. Добро е што високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, истакна во својот говор пред Собранието дека се надева дека во јуни Советот ќе преземе чекори за оваа препорака, и за Албанија и за Македонија. Затоа, бидејќи преговорите за името се во тек и одат добро, сугерирам дека не е неразумно да се очекува Грција да дозволи позитивна одлука во јуни дури и да не се завршени преговорите за името. Со тоа би испратила многу позитивна порака на мотивација за регионот и за Македонија и би дало повеќе верба во европската перспектива за Западниот Балкан.
Мислите ли дека би било неудобно за Грција да блокира старт на преговорите или би биле всушност поддржани од земји како Франција кои имаат отпор кон проширувањето?
- Има земји кои секогаш се криеле зад спорот со името затоа што всушност се генерално против проширувањето, но мислам дека сега би било тешко за тие држави да продолжат со тој однос. Навистина ќе зависи од Грција да го покаже патот, не е неразумно. Ако Грција продолжи да одбива и покрај сите напори на македонската Влада, сите гестови на добра волја и доверба, ако уште блокираат позитивна одлука за преговори, мислам дека тоа ќе покаже дека на Грција не и е при срце интересот на Западниот Балкан, и би било спротивно на духот на Солунската агенда од 2003.
Доколку Грција повторно блокира старт на преговори, што ќе и се случи на Македонија, постои ли опасност ако не започнат преговорите?
- Мислам дека ќе биде многу несреќно ако се случи ова... Има сега прилика до крајот на оваа година. Ако нема позитивна одлука пред крајот на годината тогаш тоа значи дека нема да има преговори, затоа што идната година ќе биде изгубена. Идната година ќе се обновува Европската комисија и ќе има избори за Европскиот парламент. Се надевам дека ќе се оствари пораката на Могерини во Македонија Европскиот совет во јуни да ја одобри препораката на ЕК. Во спротивно ќе биде негативно, позицијата на Владата ќе биде тешка, затоа што она што го постигна за овие 11 месеци е доста извонредно со оглед на ситуацијата која ја наследија.
Една од слабите точки на Македонија е преобемната јавна администрација, но од друга страна постои ризик тоа да се искористи за именувања на партиски лица, како се решава овој проблем?
- Нема дилема предизвиците за поправање на огромната штета направена од претходниот режим се големи. Но Владата мора да одбегне, без разлика на условите, да се повторат грешките на претходната влада. На пример, именувањето на луѓе не затоа што се компетентни, туку затоа што се дел од провладиното лоби би била огромна грешка. И да, се разбира, имате илјадници функционери кои беа именувани под матни услови од страна на претходната власт, некои од нив дури и на нелегален начин. Тие договори мораат веднаш да бидат прекинати. Но, за оние кои се постојано таму, одговорност на секое министерство е да создаде политичка клима која ќе доведе до промена на менталитетот. И ако видат дека одредени лица се обидуваат да го поткопуваат овој начин на работење, тогаш има причина да бидат отпуштени. Но, мислам дека не треба да се отпуштаат луѓе само затоа што биле именувани од претходниот режим, ако биле легално именувани, туку треба да им се смени менталитетот и однесувањето. А тоа бара одлучни напори од Владата да покаже дека иднината на земјата е да има професионална, непартизирана јавна администрација, која е таму да му служи на интересот на државата, а не на партија.
Околу контроверзата за законот за јазици кој останува непотпишан и треба да оди до Венецијанската комисија, а уште не е испратен... да бевте денеска амбасадор во Македонија што ќе и кажевте на Владата?
- Веќе им кажав на членовите на Владата и особено на претставниците на ДУИ дека жалам што не преземаа иницијатива да го испратат законот до Венецијанската комисија пред да се гласа во Собрание. Сметам дека тоа беше грешка. Сега законот е изгласан, но не стапува на сила затоа што Претседателот на го потпишува. Во меѓувреме, законот треба да отиде до Венецијанската комисија. Комисијата има ургентни процедури кои можат да се искористат и каква препорака и да даде можат да бидат вклучени во законот. Тоа би бил одличен одговор до оние во опозицијата кои тврдат дека законот е анти-македонски. До испраќањето во Венецијанска комисија Владата нема ефикасен начин да одговори на аргументите на опозицијата. Да се има мислењето на Комисијата ќе ја засили Владата и пред опозицијата и пред Претседателот кој и прави контра-услуга на земјата со тоа што одбива да потпише, а не нуди ништо друго. Сѐ што прави е да одбива, тоа е негативно.
Потребен ли и е овој закон на Македонија?
- Потребно е подобрување на употребата, не само на албанскиот, туку на сите јазици на сите заедници. Секогаш било потребно подобрување. Не треба закон само за албанскиот јазик, туку за јазичните права на сите етнички заедници. Сѐ што може да ја зајакне климата на толеранција и почитување помеѓу заедниците може да биде позитивно, и не треба да биде перципирано како закана. Но, поради начинот на кој беше усвоен, автоматски се сметаше за закана...
Кои се главните слабости на оваа Влада ?
- Мислам дека малку премногу време поминаа на надворешниот имиџ, иако е разбирливо, пробуваат тоа да го подобрат, а не доволно време на усвојување на реформите и доказ дека се имплементираат. Да има навистина напор да се осигураат дека нема да се повтори било што од негативните однесувања на претходната власт, како што се именувањата итн. Но, мислам дека она што е постигнато навистина е огромно. Овој нов начин на владеење би го нарекол треба да биде препознаен од ЕУ како модел за сите други земји на Балканот. Поинклузивен пристап, консултацијата со граѓанското општество, со медиумите, и тоа што се покажува дека сите одлуки кои се донесуваат се засновани на вистински процеси на консултирање со граѓанското општество, медиумите и сите независни сили. Што не постоеше во минатото.
Кога стигнавте во Македонија, веднаш по кандидатскиот статус, Македонија беше прва во регионот, кога заминавте, за жал веќе не беше. Има ли шанса сега Македонија повторно да стане првак?
- Доколку сегашната Влада е способна да продолжи со реформите и да ги продлабочи, а не да ги донесува само затоа што се на список, да се осигураат дека се целосно имплементирани и ако го одржат истото ниво на акција и консултации, тогаш ќе успее, нема сомнеж околу тоа.
Најмногу ме загрижува, прво, одложувањето на одлуката за старт на преговори, и импактот што тоа би го имало врз земјата, а, второ, Владата да биде во искушение да оди кон предвремени избори, мислам дека тоа би било грешка. На земјата и е потребен период на консолидирање во наредната година, да се осигура дека реформите се вкоренети во општеството, да имате навистина промена на менталитетот и на владеењето во земјата. На сегашната Влада и е потребно време за да се осигура дека се што е постигнато досега навистина фатило корен во општество и дека ниедна влада во иднина нема да може да се врати на старо.
Тања Милевска