Eдна третина од граѓаните Роми на возраст од 22 до 25 години завршуваат високо, средно или терциерно образование во земјава и тој процент е повторно висок во однос на земјите од Западен Балкан, информираше денеска премиерот Зоран Заев за време на презентацијата од Истражувањето за социо-економската положба на граѓаните Роми во Република Македонија, како една од петте земји од Западен Балкан опфатени во Регионалното истражување на Светска банка и УНДП (ОН), финансиски поддржано од ЕУ​.

- Сите знаеме дека може и мора подобро. Важно е тоа што ние, како држава и како Влада, се приклучивме на европските и светските политики на детектирање на предизвиците. Не отстапуваме од таа одлучност. И со тоа што сме на оваа маса овде, заедно со нашите партнери од Европа и светот, за ова важно прашање за инклузијата на Ромите, покажуваме дека сме влезени чекор понатаму, во начините на справување со посочените предизвици, рече Заев.

Податоците на регионално ниво покажуваат ограничен пристап до можности за Ромите, од секој аспект: здравство, образование, домување, вработување и стандард на живеење. Меѓународни пракси, како што е наведено и во ова Истражување, покажуваат дека предучилишното образование има големо значење во понатамошниот тек на животот и поставувањето на граѓаните на пазарот на труд.

- Во рамки на проектот Инклузија на деца Роми во предучилишни установи, во текот на учебната 2017-2018 година, запишани се вкупно 514 деца Роми, во 19 општини во Република Македонија, или 82 проценти од предвиденото. Со овој проект ќе продолжиме. Потребни ни се резултати за активирање на големо мнозинство и Роми, од 18 до 24 години, да посетуваат училиште или обука, или да се вклучат на пазарот на трудот. Тоа е посочено и овде, додаде премиерот Заев.

Во однос на домувањето и здравствената заштита што се нотираат како регионални проблеми, претседателот на Владата рече дека веќе е донесена Програма со која се ослободуваат од плаќање здравствена партиципација децата, чии родители се корисници на правото на социјална парична помош, што во голем дел ги опфаќа ромските семејства.

- Мене ми е драго што истражувањето покажува дека речиси сите Роми сега поседуваат лична документација, потенцира Заев.

За политичкото учество на Ромите во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредувањето на положбата на Ромите во Република Македонија, како позитивен модел во нашата земја и пример во регионот, премиерот рече дека се очекува допрва да се дадат видливи резултати.

Македонија, рече Заев, ќе покаже дека освен што ја има единствената општина во светот каде што мнозинството граѓани се Роми и зборуваат на својот мајчин јазик, во исто време е и држава која ги развива подеднакво правата за сите свои граѓани.