Констатиран е напредок во повеќе сегменти во делот на родова рамноправност, а од особено значање е ратификување на т.н. Истанбулска конвенција. Сепак, потребно е и натаму да се работи на зголемување на процентот на жени во сферите на одлучување, на намалување на нееднаквата застапеност на жените во јавниот сектор, зајакнување на економската активност на жените, на намалување на дискриминацијата на пазарот на труд и отстранување на стереотипите.

Ова се дел од ставовите на учесниците на јавната расправа на тема: Извештај за напредокот на Република Македонија од страна на Европската комисија за 2018 година, со посебен осврт на делот за родова рамноправност, што ја организираше собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

Јованка Тренчевска од Министерството за труд и социјална политика вели дека е добро што во Извештајот е нотиран напредок за повеќе прашања, но оти останува да се работи на спроведување на она што е донесено како законска регулатива, како акциски планови.

Како особено значајно остварување, го посочи ратификувањето на Истанбулската конвенција, но, додаде Тренчевска, таа не смее да остане само на хартија.

Владимир Милошев од Министерството за здравство рече дека се задоволни од констатираниот напредок, но оти работат и натаму со цел состојбите во оваа сфера да се унапредат.

Се отвораат рече тој, три нови центри за поддршка на жртви на сексуално насилство, во кои тие ќе добиваат здравствена услуга, прва психолошка поддршка, и ќе се собира доказен материјал. Најави и дека се работи на можноста за намалување на рестриктивноста на законот за абортус.

За Снешка Илиќ од Реактор, особено значајно е во наредниот период невладините организации да бидат вклучени во пристапните процеси за членство во ЕУ, оти така, рече, ќе може да се влијае на зголемувањето на женските права.

Според неа, спорно е, што и натаму има нееднаква застапеност на жените во јавниот сектор, мал број жени во Владата, како и голем процент економско неактивни жени. Онаму каде нема воспоставено квоти, рече, нема ниту доволен број жени. Проблематична, според неа, е и дискриминацијата на пазарот на трудот.

Ѓулумсер Касапи, пратеничка од СДСМ, вели дека една од добрите работи е што Македонија со 45 жени пратенички е лидер во регионот, но, рече дека треба да се работи и во други области да се постигне напредок сличен на овој.

Потребно е потенцира, намалување на стереотипите, решавање домашно родово насилство, зголемување на јавната свест и отстранување на стетреотипите, но и отстранување на родоводискриминирачки содржини од образовниот процес.